Во Струга се маршираше против молкот за насилството врз жените

Низ улиците на Струга вчера се одржа марш посветен на жените жртви на насилство, со порака дека молкот не смее да биде засолниште за насилниците, а општеството не смее да ја третира болката на жените како приватна работа. Под слоганот „За секоја што молчела – ние зборуваме“, на маршот чекореа жени и мажи кои испратија јасна порака дека поддршката за жртвите мора да биде гласна, јавна и постојана.

Поддршката за ваквите теми често останува на социјалните мрежи, на симболични реакции и тивка согласност, сè додека не дојде моментот јавно да се застане зад жртвите и јасно да се каже дека насилството нема место во заедницата.

Организаторите порачаа дека секој чекор имал тежина и значење, затоа што маршот бил глас за жените кои молчеле, за оние што живееле во страв и за сите што не биле слушнати навреме. Пораката од Струга беше дека промената почнува тогаш кога молкот ќе се прекине, а јавноста ќе покаже дека не е подготвена повеќе да врти глава од насилството.

Од организацијата најавија дека нивната работа не завршува со 8 Март и дека поддршката за жените ќе продолжи во текот на целата година. Преку Женската инфо точка, советувањето и програмите за поддршка, тие велат дека ќе останат достапни за секоја жена што се соочува со насилство, со цел да биде сослушана, охрабрена и поддржана да го направи првиот чекор кон безбедност.

Во рамки на објавата беше споделен и телефонски број за помош, 071 234 275, со апел да не се дозволи уште едно „празно столче“, како симбол на жените кои не добиле поддршка навреме. Со тоа, маршот во Струга не беше само одбележување на Денот на жената, туку и јавен повик насилството врз жените да престане да се премолчува и да почне да се третира како општествен проблем што бара реакција од сите.

Зачлени се на нашиот е-билтен