ДУИ денеска ја обвини Владата дека целосно потфрлила во справувањето со кризата со нафтените деривати, оценувајќи дека состојбата со снабдувањето и новиот скок на цените само го покажале, како што велат од партијата, неуспехот навреме да се предвидат ризиците и да се заштитат граѓаните. Реакцијата доаѓа откако од полноќ цените на дериватите повторно пораснаа, а дел од јавноста веќе се соочува со поскапувања, неизвесност и нервоза на бензинските пумпи.
Во партиското соопштение, ДУИ вели дека кризата не дошла ненадејно и дека случувањата на меѓународните пазари и геополитичките тензии биле најавувани со недели, па Владата имала време да преземе превентивни мерки. Наместо тоа, според опозициската партија, институциите останале пасивни, а товарот од новиот ценовен удар повторно паднал врз семејните буџети и врз бизнисите.
ДУИ бара Регулаторната комисија за енергетика уште денес да ја преиспита последната одлука за цените, а Владата веднаш да ја разгледа можноста за намалување на фискалните давачки, вклучително и акцизите и другите трошоци што влегуваат во цената на дериватите. Партијата предлага и државните резерви, за кои институциите тврдат дека обезбедуваат нафта за околу 62 дена, да бидат пуштени во промет по максимална цена од 71 денар за литар, со образложение дека тие количини биле набавени по пониски цени.
Во реакцијата се бара и инспекциските служби да утврдат со какви залихи располагале бензинските пумпи пред новата пресметка на цените, а за количините увезени по пониски цени да се воведе замрзнување на цените. Дополнително, ДУИ повикува на санкции за операторите што за време на викендот и во понеделникот не точеле гориво, со став дека во ваква криза не смее да се дозволи профитирање на грбот на граѓаните и производителите.