Безобразна изјава на премиерот, ги споредуваше жртвите од два пожари

Мицкоски

Три дена пред годишнината од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, премиерот Христијан Мицкоски избра да зборува за трагедијата со јазик на споредба и самофалба. При посета на Кочани на 13 март тој изјави дека Македонија „неколкукратно подобро“ се справила со трагедијата отколку Швајцарија по пожарот во Кран-Монтана, и тоа „во сите параметри“. Изјавата доаѓа во момент кога Кочани се подготвува да одбележи една година од смртта на 63 лица и страдањето на околу 200 повредени.

Парадоксот е уште поголем затоа што самиот Мицкоски рече дека кога се споредуваат лоши настани, тоа делува „некрофилски“, но веднаш потоа сепак ја направи споредбата. Наместо тивок и внимателен говор во денови на жалост, јавноста доби политичка пресметка со туѓа трагедија, како да станува збор за натпревар на системи, а не за човечки животи. Во таков настап жртвите престануваат да бидат луѓе, а стануваат аргумент во владина одбрана.

Особено спорна е основата на споредбата. Во Швајцарија, по пожарот во барот „Ле Констеласион“ во Кран-Монтана на 1 јануари 2026 година, загинаа 41 лице, а над 100 беа повредени. Тамошниот парламент веќе одобри еднократна компензација од 50.000 швајцарски франци за жртвите и хоспитализираните преживеани, додека обвинителството ја прошири истрагата и на градоначалникот и на други локални функционери поради пропуштени безбедносни проверки. Тоа не изгледа како систем што „потфрлил“ толку лесно колку што премиерот сака да го прикаже.

Во Македонија, пак, една година по Кочани, процесот сè уште е отворена рана. Според медиумските извештаи, во тек е постапка против околу 35 обвинети, а градот се подготвува за комеморации за 63-те загинати. Тоа не е амбиент во кој премиер треба да ја мери ефикасноста на институциите со туѓа несреќа, туку момент во кој треба да покаже воздржаност, отчетност и почит кон семејствата што и натаму живеат со последиците од трагедијата.

И двата пожара имаат застрашувачки сличности: пиротехника, запалив материјал, масовни жртви и пренос на повредените во болници и центри за изгореници надвор од местото на несреќата. Токму затоа споредбата не може да биде политичка алатка за самопофалба. Таа може да служи само за учење, за утврдување одговорност и за спречување следна катастрофа. Кога премиерот од таква споредба извлекува поен за сопствената власт, тогаш проблемот веќе не е само во тонот, туку и во моралниот компас на политичката порака.

Оваа изјава нема да остане запаметена како одбрана на институциите, туку како уште еден пример колку лесно власта во Македонија знае да ја оттурне границата на пристојноста. Кога се зборува за мртви деца, за изгорени тела и за семејства што сè уште чекаат правда, последното што му треба на општеството е премиер што прави меѓународна табела на страдање.

Зачлени се на нашиот е-билтен