Цените на златото паѓаат и покрај жестоката војна со Иран, иако вообичаено токму вакви геополитички кризи го туркаат благородниот метал нагоре. На 16 март спот-златото се лизна на 4.993,42 долари за унца, а фјучерсите за април завршија на 5.002,20 долари, додека според Investing.com XAU/USD е во минус од околу пет проценти од почетокот на конфликтот. На прв поглед тоа изгледа контраинтуитивно, но пазарот засега не реагира само на воена несигурност, туку и на стравот дека нафтениот шок ќе ја врати инфлацијата во прв план.
Токму тука лежи клучот на ова движење. Кога нафтата скока над 100 долари за барел поради кризата околу Иран и Ормускиот Теснец, инвеститорите проценуваат дека централните банки ќе имаат помал простор за намалување на каматите. За златото тоа е лош сигнал, затоа што станува збор за средство што не носи принос, па во средина на повисоки камати изгледа помалку привлечно од доларот или обврзниците. Reuters наведува дека токму стравот од „повисоки камати подолго време“ ја оттурнал поддршката што нормално би дошла од безбедносната побарувачка.
Покрај тоа, дел од инвеститорите продаваат злато не затоа што повеќе не веруваат во него, туку за да обезбедат ликвидност во услови на силни турбуленции на другите пазари. Aнализа на Bank of America, пишува дека златото било под притисок бидејќи дел од пазарот го користел како извор на готовина додека акциите биле под силен удар. Во такви моменти, дури и класичните „безбедни засолништа“ не се однесуваат секогаш според учебник.
Сепак, падот не значи дека приказната за златото е завршена. Повеќе фактори забележуваат дека и покрај корекцијата, металот и натаму е значително во плус годинава, а дел од аналитичарите сметаат дека побарувачката од централните банки, резервната диверзификација и долгорочните инфлаторни ризици и понатаму му даваат силна подлога. Тоа значи дека сегашниот пад повеќе личи на судир меѓу војната и монетарната логика, отколку на трајно губење на довербата во златото.