Експлозивот кај гасоводот во сенка на Кремљ

Пронајдениот експлозив во близина на гасоводот кај Кањижа, на северот на Србија, за само еден ден прерасна од безбедносен инцидент во политичка приказна што се чита и во Белград, и во Будимпешта, и во Москва. Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека биле најдени две торби со експлозив и детонатори на неколку стотини метри од трасата, а унгарскиот премиер Виктор Орбан веднаш свика итен совет за одбрана и ја стави инфраструктурата под засилена заштита.

Но приказната не застана на тоа што е најдено, туку веднаш се префрли на прашањето кому му одговара ваков инцидент токму сега. До парламентарните избори во Унгарија, закажани за 12 април, остануваат само неколку дена, а Орбан влегува во кампања во која, според две независни анкети објавени од Ројтерс, неговиот Фидес заостанува зад Тиса на Петер Маѓар. Токму затоа, тајмингот на случајот отвори сомнеж дека безбедносната тревога многу брзо може да стане и изборна алатка.

Официјалниот наратив од Будимпешта оди во правец на можна саботажа врз енергетска инфраструктура, а дел од унгарските пораки повторно индиректно ја насочија приказната кон Украина. Киев тоа го отфрли и возврати дека повеќе личи на руска операција со лажно знаме, насочена кон политичко влијание пред изборите. Кремљ, пак, соопшти дека е „многу веројатно“ зад експлозивот да стои Украина. Со тоа, истрагата уште не е затворена, а геополитичката војна за толкување веќе одамна е почната.

Токму тука се појавува и „сенката на Кремљ“. Не затоа што постојат јавно објавени докази дека Москва стои зад случајот, туку затоа што целиот инцидент се вклопува во пошироката политичка матрица: Орбан е најблискиот руски партнер во ЕУ, со години ја кочи европската линија кон Украина и силно се потпира на руска енергија, а неговиот опонент Маѓар изборите ги претставува како референдум за тоа дали Унгарија ќе остане на проруската траса или ќе се врати поблиску до ЕУ и НАТО. Тоа е политичкиот контекст во кој и најмалата безбедносна криза добива многу поголема тежина од самата полициска вест.

Затоа и дел од унгарските и српските медиуми не го читаат случајот само како истрага, туку како можен дел од предизборна режија на страв. Опозицискиот лидер Петер Маѓар јавно зборува за можност од „false flag“ сценарио, а и дел од мештаните во близина на местото каде што е најден експлозивот за Теlex изјавиле дека акцијата изгледала премногу прецизна, како службите однапред да знаеле што бараат. Тоа, само по себе, не е доказ за ништо, но е доволно за недовербата околу случајот да порасне уште повеќе.

Во таква атмосфера, Србија лесно може да стане само сцена на многу поширока игра. Ако истрагата покаже дека станува збор за реална саботажа, тоа ќе биде сериозен безбедносен аларм за регионот. Ако, пак, се покаже дека случајот бил претворен во политичко оружје пред унгарските избори, тогаш експлозивот кај Кањижа ќе остане запаметен не само како полициски настан, туку и како уште еден пример како гасот, стравот и изборите повторно се сретнаа на исто место.

Зачлени се на нашиот е-билтен