Граѓаните ќе преживуваат за Велигден со поскапа храна, повисоки сметки и истенчен семеен буџет, додека Владата најавува дека ќе реагира дури по празникот, кога најголемиот удар врз трпезата веќе ќе биде направен. Наместо мерки во деновите кога семејствата најмногу трошат и кога цените најсилно се чувствуваат, извршната власт најавува нов пакет по Велигден, со образложение дека се прават анализи и се чекаат извештаи.
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека по велигденските празници ќе бидат објавени нови мерки за цените и инфлацијата, а меѓу опциите што се разгледуваат се ограничување на профитните маржи и намален ДДВ за дел од производите. Но токму тоа отвора суштинско прашање: ако државата веќе признава дека има ценовен проблем, зошто реакцијата доаѓа откако граѓаните ќе ги испразнат џебовите за празникот?
Бројките покажуваат дека притисокот врз животниот стандард не е политичка перцепција, туку секојдневна реалност. Според последните податоци, инфлацијата во март изнесува 4,9 проценти на годишно ниво, додека трошоците на живот во однос на февруари се зголемени за 0,7 проценти. Најсилен е ударот кај храната и безалкохолните пијалаци, каде растот достигнува 7,5 проценти, токму во период кога домаќинствата традиционално купуваат повеќе.
Затоа, владините мерки најавени по Велигден тешко можат да се претстават како навремена помош. За семејствата што деновиве пресметуваат дали ќе има доволно за месо, јајца, масло и основни производи, задоцнетата реакција не е економска стратегија, туку политичка удобност. Кога цените растат пред празник, државата не смее да делува по празник. Во спротивно, мерките не ја ублажуваат скапотијата, туку само ја констатираат откако граѓаните веќе ја платиле.