Европски модел или економски крах, АСОМ предупредува за законот за игри на среќа

Законот за игри на среќа, кој треба да се најде во прво читање во Собранието на 10 јуни, отвори сериозен судир меѓу легалната индустрија и институциите, откако АСОМ предупреди дека предложените измени може да предизвикаат економски крах, губење на 10.000 работни места и префрлање на играчите кон црниот пазар.

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија тврдат дека мерката за оддалеченост од 500 метри не е обична просторна регулација, туку решение што во пракса значи затворање на легалните објекти. Според претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, физичката дислокација во урбаните средини е невозможна, а дополнителните финансиски давачки ја туркаат индустријата кон банкрот.

АСОМ предупредува дека повеќе од 10.000 директно вработени луѓе би можеле да останат без егзистенција, додека ударот би се пренел и врз придружните дејности, меѓу кои обезбедувањето, ИТ-секторот, добавувачите на опрема и закуподавците на деловни простории. Според Асоцијацијата, државата ризикува да изгуби околу 350 милиони евра годишно од легалното работење на игрите на среќа.

Од АСОМ велат дека легалните приредувачи се првата бариера против пристап на малолетници, бидејќи работат со проверка на лични документи и законски протоколи. Наместо закон што води кон затворање, Асоцијацијата предлага европски модел на регулација, со построги казни за прекршителите, отворање на онлајн-пазарот за лиценцирани компании и национални кампањи за одговорно играње.

АСОМ бара повлекување на предлог-законот и отворање дијалог со засегнатите страни. Ако законот помине во прво читање, најавуваат дека ќе ги искористат сите механизми за заштита на легалниот сектор, вклучително и масовни протести.

Најчитано