Ако Мицкоски сакал да слави, ја утнал главната доктрина, суштинскиот канон на православното христијанство, Воскресението и Пасхата, кога се прогласува победата над смртта и се стекнува вечниот живот во Царството небесно. Тоа е неделата. То е денот кога се слави таа голема победа, а не средтата кога Мицкоски ја слави смртта.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Премиерот Мицкоски орагнизирал „свечена велигденска вечера во духот на големиот христијански празник, исполнет со топлина, заедништво и почит кон традицијата“.
Ништо од овој настан не е во духот на најголемиот христијански празник Велигден. Тоа што било послужена посна вечера, воопшто не е долно за да се повика на духот на Воскресението.
Единствен и доминантен дух од оваа вечера е духот на ПР настан, за кој злоупотребен и искривоколчен е Велигден.
Зашто не е до менито.
Клучната теза на оваа анализа е дека проблемот со велигденскиот „посен“ ручек на премиерот не лежи во тоа што храната била согласно постот, туку во тоа што во Велика Среда, денот кога Христос е предаден, верниците тагуваат. Не се собираат за да се веселат и дружат. Тоа најтраорниот ден во страстната седмица, а не ден за јавни, протоколарни славења во „пресрет на празникот“.


Кога премиерот станува домаќин на голема свечена трпеза токму на овој ден, страсната среда, суштински, не само симболички, го менува духовниот ритам и радоста на Воскресението и ги става пред Голгота, а постот се сведува на техничко посно мени.
Ако Мицкоски сакал да слави, ја утнал главната доктрина, суштинскиот канон на православното христијанство, Воскресението и Пасхата, кога се прогласува победата над смртта и се стекнува вечниот живот во Царството небесно. Тоа е неделата. То е денот кога се слави таа голема победа, а не средтата кога Мицкоски ја слави смртта.
Свечената велигденска вечера на Мицкоски е тешка глупост и богохулие, благословено и од Архиепископот Стефан
Да се разбереме, овој текст не полемизира со верата, ниту ги доведува во прашање чувствата на верниците; напротив. Тие се одамна јасни и утврдени и редакцијата на Рацин.мк, апсолутно го почитува правото на избор и изборот на верска припадност и почитување и практикување на вредностите што произлегуваат од таа вера.


Овој текст ги зема сериозно неприкосновените норми на тие вредности, на постот, на каноните, но ја разоткрива нивната политичка употреба.
Неопходно е да потсетиме дека црквата, вклучувајќи ја и МПЦ-ОА, забранува свадби и веселби во Великиот пост, а особено во Страстната седмица. Логиката е јасна: духовната концентрација не смее да се разводни и да се злоуптреби во други цели. Постот не е само диета, туку внатрешно исчекување, пат низ кој се поминува пред да се дојде до празничната трпеза на Воскресението кога се слави победата на смртта, а не самата смрт.

Ако се прифати оваа теолошка рамка, станува јасно дека одлучувачкиот момент не е дали оброкот бил строго посен. И најлуксузната храна може да биде технички „посна“, но духот на постот не се сведува на списоци на дозволени состојки. Ако не се доволни суштинските „утки“ на овој настан, еве и некои технички проблематични работи:
– Форматот: голем, свечен банкет со државен и деловен врв во луксузен хотел, со говори, протокол и медиумско покривање.
– Брендирањето: официјално претставување на настанот како велигденска свеченост, во „духот на Велигден“, со пораки за „нов почеток“, „радост“ и „заедништво“.
– Моментот: токму Велика Среда, кога според православниот канон доминира тагата пред радоста, постот пред пирот.
Тука се отвора политичкиот агол: премиерот, со поддршка на дел од црковниот врв, ја „свиткува“ духовната временска рамка за да произведе политички настан.
Постот станува сценографија – декор во кој се одржува елитен прием, а посното мени служи како алиби дека сè е во согласност со верата.
Така, неприкосновените норми се формално почитувани, но суштински релативизирани: забраната за веселби за време на постот се заобиколува преку преформулирање – ова не е „веселба“, туку „симболичен ручек во пресрет на празникот“.


За да биде појасно, не е дека државниот врв „не смее“ да седне на заедничка трпеза во пост, туку дека во најстрогите денови на постот не смее да се создаде впечаток дека радоста на Воскресението може да се „озакони“ пред време.
Верниците кои строго постат – и во исхрана и во стил на живот, со право може да се чувствуваат збунети: додека тие литургиски се наоѓаат пред Крстот, државниот врв им испраќа слика на свечен ручек „во пресрет на Велигден“. Тоа не е само навреда за верата самата по себе, но и нарушување на духовниот ритам што Црквата го градела со векови.
Ако верата е нешто повеќе од симболика, тогаш Страстната седмица не е сезона за ПР настани, туку период во кој и политичарите треба да покажат скромност, воздржување и почит.
Од политичка гледна точка, ваквиот банкет е јасен сигнал: премиерот сака да се позиционира како „домаќин“ на нацијата, кој ги собира верските лидери, државниот врв и бизнис‑елитата на една трпеза.
Тоа е не е само силна симболичка порака за моќ, контрола и единство под негово покровителство, тука и злоупотреба на верските чувтства како ресурс за политички легитимитет, а времето на постот како медиумски ефект.
Во демократска, секуларна држава, не е спорно политичар да има лична вера или да присуствува на богослужба. Спорно е кога верските симболи и календарот почнуваат да се прекројуваат според потребите на пи‑ар агендата. Наместо премиерот да биде скромен учесник во литургијата, во заедничарењето, литургијата наместо свечен чин, се прилагодува на премиерскиот протокол. Тоа отвора прашања за разделеноста на државата и Црквата, но и за интегритетот на самата МПЦ-ОА.
Мицкоски ги злоупотреби и луѓето што ги поканил и што му дошле на свечената вечера. Освен Архиепископот Стефан, кој многу добро знаел во што се впушта кога седна до премиерот.
На сите останати, ако за кратко се откажат од слепата, нерационална лојалност, треба да им биде јасно дека паднале во стапицата на премиерот Мицкоски и станале само статисти во манипулативен, богохулен, ПР настан.