Косово наскоро би можело да се соочи со санкции од евроатлантската заедница, изјавиле повеќе високи и дипломатски извори за ЕУРОАКТИВ, додека албанскиот премиер Еди Рама ја откажа својата планирана средба со косовскиот премиер Албин Курти во средата, наведувајќи ги неизвесните мерки како една од причините.
ЕУРОАКТИВ минатата недела беше информиран од висок извор од трета земја дека ЕУ и САД подготвуваат бројни санкции против Косово. Ова подоцна беше поткрепено со коментари од Рама и други дипломатски извори кои потврдија дека санкциите се неизбежни.
Санкциите споменати во интерна дипломатска нота обезбедена од страна на изворот вклучуваат замрзнување на ЕУ фондовите, запирање на процесот на визна либерализација и процесите за членство во меѓународни институции. Тоа, исто така, би можело да доведе до тоа косовските сојузници да заземат пасивен однос кон српската кампања за повлекување на признавањето, реорганизирање на меѓународното воено присуство и сериозно намалување на американскиот контингент.
Поединечни санкции против косовски лидери и високи функционери беа исто така споменати, но се разбира дека тие би се употребиле во најлошото сценарио, бидејќи можните санкции би се спроведувале во фази.
Изворот, исто така, ја повика опозицијата да ги поддржи ЕУ и САД во нивните напори да се стабилизира ситуацијата, како и да се изјаснат дали ги поддржуваат обврските на Косово во тековниот дијалог кој е поддржан од ЕУ.
Втор дипломатски извор изјави за ЕУРОАКТИВ дека се свесни за тоа дека циркулира документ со кој се определуваат можни санкции и иако не можеа да кажат дали документот е официјално потпишан, тоа навистина се мерките кои се дискутираа од минатата сабота.
Рама и Курти требаше да се сретнат во Ѓакова во средата за да разговараат за бројни билатерални договори, при што Рама ја откажа посетата во последен момент. Во вторникот, тој изјави „средбата на двете албанско-косовски влади е откажана“.
Тој рече дека побарал конкретен состанок со Курти и со министрите за надворешни работи и за одбрана за да разговараат за ситуацијата на северот, но дека косовскиот премиер не се согласил со новиот формат. Како резултат на тоа и поради „влошувањето на косовските односи со целата евроатлантска заедница од час на час, овој состанок не може да се одржи во предвидениот формат“.
Рама продолжи дека по разговорот со високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, постапките на Косово „го ставија прстот на копчето што ќе го активира планот за санкции против државата што го создаде“.
„Повторувам, ние сме на прагот на тоа да го активираме планот, бидејќи не сакам ни да зборувам за санкции, туку за мерки за строгост против една држава“, додаде тој.
Во вторникот, Radio Evropa e Lirë (REL) објави дека ЕУ санкциите се неизбежни, вклучувајќи го и суспендирањето на покани за учество на Косово на настани на високо ниво, билатерални посети од ЕУ и земјите членки и одржување само на состаноци кога директно ќе се однесуваат на кризата на северот.
Други мерки вклучуваат прекин на состаноците на поткомитетот помеѓу Косово и ЕУ, формиран врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација. РЕЛ, исто така, забележува дека и ЕУ финансирањето за неколку проекти во рамките на Инвестицискиот фонд за Западен Балкан би се прекинало.
На крајот, тие информираа за можно намалување на јавното присуство на Косово на настани на кои владини членови имаат прво да учествуваат. Дипломатски извор изјави дека ангажманот со косовските власти би се вратил на нормално ниво откако Косово ќе ги преземе чекорите што ЕУ ги очекува.
Кога беа запрашани од ЕУРОАКТИВ; Европската комисија одби да коментира, додека американски дипломатски извор се повика на неодамнешните коментари на американскиот специјален претставник Габриел Ескобар.
Ескобар и неговиот ЕУ колега Мирослав Лајчак му претставија на Курти минатата недела предлог од три точки за надминување на кризата во северно Косово, што вклучува деескалирање на ситуацијата, одржување нови избори во северот и враќање на дијалогот за нормализирање на односите.
На прашањето од новинари што би значело одбивањето да се следи планот, Ескобар рече дека „ако не прифатат, тоа значи дека унилатерално го напуштаат евроатланското партнерство. Не знам дали има одговор од владата на Косово сé уште, се надевам дека владата ќе разбере дека ние сакаме да постигнеме взаемно корисен резултат за двете земји“.
„Сакам да ставам до знаење дека не гледаме дека ова би имало влијание на долгорочниот однос, но дека преземените или непреземените постапки би можеле да имаат некои последици што би можеле да влијаат на делови од односот. Не би сакал да одам таму“, додаде Ескобар.
Што се однесува на процесот на дијалог со кој посредува ЕУ, Ескобар рече, „Ако му го свртат грбот, ќе ѝ свртат грб на Европа“.
Но, заканата од понатамошни мерки беше навестена и за време на Самитот на Европската политичка заедница во Молдавија минатата недела. Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, истакна дека ако партиите не успеат да деескалираат, „тоа ќе има последици во нашите билатерални односи“, без да елаборира.
ЕУРОАКТИВ дознава дека ова може да ги вклучи сите опции, од политички до финансиски казни, кои се дискутираат со земјите членки.
Последната точка од анексот на договорот посредуван од ЕУ наведува „секој неуспех да ги почитуваат нивните обврски од договорот, овој анекс или минатите договори за дијалог би можело да има директни негативни последици за нивните соодветни процеси за ЕУ пристапување и финансиската помош што ја добиваат од ЕУ“.
Петрит Селими, поранешен министер за надворешни работи на Косово, изјви за РЕЛ дека најмалку три земји членки на ЕУ размислуваат за замрзнување на фондовите и визната либерализација за Косово, а извор на РЕЛ во Брисел потврди дека неисполнувањето на обврските би „имало последици за Косово во процесот на ЕУ интеграција и од финансиски аспект“.
Тензиите се разгореа пред две недели меѓу двата соседа откако неодамнешните избрани албански градоначалници влегоа во општинските згради во северниот дел со српско мнозинство. Ова се случи откако српските претставници масовно дадоа откази во косовските институции и одбија да учествуваат во наредните избори по повиците за бојкот од Белград.
Состојбата ескалираше со тоа што Косово испрати специјални полициски единици и со тоа што демонстрантите станаа насилни, при што беа повредени најмалку 30 НАТО мировни трупи, полицајци, демонстранти, а беа пријавени и над 20 напади врз новинари.
Откако Косово одби да отстапи од поставувањето градоначалници, беа определени санкции во форма на откажување на учеството на Косово во воената вежба „Бранител 2023“, прекин на помошта за Косово во стекнување признавање од непризнавачите и во помогањето да се интегрира во меѓународните организации.
Во вторникот, Курти соопшти на прес конференција дека им претставил на западните сојузници план од три точки за деескалација на тензиите. Соопштението се случи како што што безбедносната состојба на северот повторно се влоши поради апсењето на Србин, наводно одговорен за организирање на нападот врз војници на КФОР на 29 мај.
Алис Тејлор / EURACTIV