Дебакл: Третата економија на Мицкоски отиде минус 40 проценти со странски инвестиции

Премиерот Христијан Мицкоски денеска посочи дека економијата бележи „солиден раст“, наведувајќи просечен раст на бруто-домашниот производ од 3,5% во шест последователни квартали и оценувајќи дека земјата се движи по „добра патека“, со резултати што, според него, се значително над просекот на Европската унија. Мицкоски во повеќе наврати и претходно изјави дека Северна Македонија е „трета економија во Европа по раст на БДП“, позиционирајќи ја земјата како една од најбрзо растечките во регионот и пошироко.

Но што покажуваат податоците за странските директни инвестиции?

Во момент кога Владата тврди дека Северна Македонија се издвојува во регионот по динамиката на раст, странските инвестиции — како еден од најрелевантните показатели за довербата на инвеститорите — сигнализираат губење на импулсот. Наместо продолжување на трендот од рекордната 2024 година, во 2025 се забележува пад, што отвора прашања за одржливоста на економскиот наратив и за реалната состојба на инвестициската клима.

Според податоците на Народната банка, нето приливите на странски директни инвестиции во 2024 година достигнале околу €1,1–€1,25 милијарди, ниво кое беше претставено како рекордно и како сигнал дека земјата ја зацврстува својата позиција како атрактивна дестинација за странски капитал.

Во текот на 2025 година, динамиката значително ослабува. Иако нема конечен извештај за годината, месечните податоци за првите три квартали покажуваат нето прилив од околу 468 милиони евра, што е драстично пониско од темпото во претходната година и укажува на отсуство на поголеми нови инвестиции. Проекциите врз основа на месечните податоци упатува дека целата година најверојатно завршила во опсег од 0,7 до 0,9 милијарди евра , што претставува пад од 20% до 40% во однос на 2024.

Но клучниот проблем не е само падот во бројките, туку нивната структура. Додека 2024 година беше поттикната од концентрирани приливи и зголемена реинвестирана добивка, 2025 година покажува расцепкан и слаб тренд без континуитет. Отсуството на нови, поголеми greenfield инвестиции сугерира дека земјата не успева да генерира нов инвестициски циклус, туку повеќе се потпира на веќе постоечките компании.

Таквата динамика го доведува во прашање наративот за „рекордна година“ — дали станува збор за структурен пробив или за краткотраен пик поттикнат од неколку изолирани проекти.

Дополнително, фактот што најголем дел од приливите се концентрирани во ограничен број сектори и инвеститори ја прави економијата ранлива на нагли осцилации. Во отсуство на диверзифициран инвестициски базен, секое повлекување или одложување на поголем проект има непропорционално големо влијание врз вкупните бројки.

Каква е состојбата во Западен Балкан?

Ако се анализираат податоците од народните банки во Западен Балкан, Албанија, на пример, бележи раст од 30% со прилив од околу €1,6 милијарди евра , додека Хрватска паѓа за 37% или за 2,6 милијарди евра. Дури и помали економии како Црна Гора покажуваат умерен раст од 8 проценти или 531 милиони евра. Инвестициите растата и во словенија за 19 проценти и тоа 1,4 милиони евра, но и во косово за 30 ориоценти или 1,03 милиони евра.

Од друга страна, иако Србија бележиу пад за 51 процент или 2.2 милиони евра, нивото на инвестиции останува значително повисоко, што и дава поголема отпорност и структурна стабилност.

Во таа споредба, Северна Македонија со околу €468 милиони во првите три квартали и пад од околу 61% се позиционира како една од најслабите економии во регионот во 2025 година — и по динамика и по обем.

Ова укажува дека проблемот не е само регионален или цикличен, туку делумно и домашен: ограничен капацитет за привлекување нов капитал, зависност од постојни инвеститори и недоволна диверзификација на инвестициите.

Гледано од перспектива на 2026 година, 2025 изгледа како година во која Северна Македонија го изгуби инвестицискиот замав стекнат во претходниот период. Наместо континуитет, следува корекција која открива колку тој раст бил концентриран и потенцијално нестабилен.

Без нови извори на инвестиции и поширока база на инвеститори, земјата ризикува да остане во долниот дел на регионалната инвестициска мапа — со резултати кои повеќе зависат од поединечни проекти отколку од долгорочен тренд.

Зачлени се на нашиот е-билтен