Етичкиот кодекс мора да биде составен дел од истражувачката работа во сите високообразовни, научни и истражувачки институции, истакна м-р Моника Талеска, на трибината организирана од Друштвото за наука и уметност (ДНУ) од Прилеп на тема „Етиката на современиот истражувач во научното истражување“.
„Во услови на растечки број универзитети, а со тоа и академски кадри (магистри и доктори на науки), кои, пак, се изложени на зголемен притисок за продукција на што повеќе научни трудови, настанува ситуација што допира до академската чест, интегритет, хуманост, одговорност и транспарентност“, смета Талеска.
Истражувањето што таа го спроведе на македонските акредитирани универзитети, потврдува дека од 16 активни универзитети, два немаат онлајн достапен етички кодекс. Другите имаат, но тие содржат одредени пропусти. На пример, има етички кодекс во којшто е внесено работното време, што не подразбира етика, туку е прашање регулирано со Законот за работни односи.
Анализата на етичките кодекси покажува дека ниту еден универзитет не го споменува начелото на „информирана согласност“ што е многу значајно при реализација на научното истражување што вклучува човечки ресурси. Не значи дека тоа начело не се применува при истражувањата, но не е внесено во етичкиот акт. Има универзитети што не го внеле во актот ниту името на институцијата.
Од друга страна, не постои етички кодекс чиј фокус е научноистражувачкиот процес, туку третира прашања што се однесуваат на релацијата: студент – наставен кадар. Етичките кодекси сепак повикуваат на градење високи етички релации меѓу научниот кадар и соработниците.
Преземено од https://lap.mk Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.