Експлозија во подвозник во Сплит, едно лице загина

ФОТО: Ivo Cagalj/PIXSELL

Силна експлозија во подвозник во Сплит доцна синоќа вознемири дел од градот, по што полицијата го блокираше поширокото подрачје и започна увид. Во експлозијата загина едно лице, а според првичните информации на хрватската полиција, засега нема елементи на кривично дело.

Инцидентот се случил во населбата Равне Њиве, во подвозник кај Улицата „Домовинског рата“, во близина на прометен дел од градот. По дојавата за експлозијата, на терен веднаш биле испратени полициски екипи, а приодите кон местото биле затворени додека траел увидот.

Полицијата соопшти дека телото е пренесено на патологија, а обдукцијата треба да даде повеќе одговори за причините и околностите на смртта. На местото на настанот бил и заменик на окружниот обвинител од Сплит, што е редовна процедура во вакви случаи.

По експлозијата, на социјалните мрежи се појавија шпекулации дека лицето се разнело со експлозив, но таквите тврдења засега не се официјално потврдени. Хрватските медиуми пренесуваат дека истрагата треба да утврди дали станува збор за самоубиство, несреќен случај или друга околност, додека полицијата првично наведува дека нема индиции за кривично дело.

Поради експлозијата, дел од сообраќајот кон градот бил привремено затворен, од Улицата „Домовинског рата“ кај Равне Њиве до раскрсницата со Солинска улица. Граѓаните во околните населби пријавиле дека слушнале силен удар, по што местото било обезбедено до завршување на полициските активности.

Зачлени се на нашиот е-билтен