Малолетничките бракови и неформалните заедници со малолетници во Македонија оставаат сериозни последици врз децата и нивните семејства. Често доведуваат до прекин на образованието, психолошки и здравствени ризици, нарушени семејни односи и економска зависност. Законската возраст за брак е 18 години, со исклучок од 16 години со судска дозвола, но во практиката постојат и вонбрачни неформални заедници. Сиромаштијата, ниското образование и традиционалните практики се главни причини, а институциите, граѓанските и меѓународните организации настојуваат да ги превенираат и да работат на сузбивање на овие појави за да се заштитат малолетниците.
Автори: Даниела Панева* и Ристе Панов**
„Ќерка ми имаше само 15 години. Беше одлична ученичка. Таа побегна од нас, отиде бегалка. Прво живееше во неформална заедница со него, а после и судски се регистрираа. Генерација беа, ќерка ми и момчето имаа само по 15 години кога почнаа заедно да живеат и двајцата беа недоволни зрели. Ние не дозволувавме, лути бевме“, вели мајка што се спротивстави на малолетничкиот брак на својата ќерка и која прифати да зборува за Локал Актив Вардар.
„Случајно дознавме дека планира да живее со него. Ние како родители ѝ кажувавме дека тој не е за неа, да се тргне од него, но таа беше упорна. Не разговараше со нас“, продолжува мајката.
„За семејството на момчето беше нормално и двајцата малолетни да живеат заедно. Подоцна меѓу нив двајцата почнаа несогласувања и се разделија судски. Тој се расправаше и викаше кога ќе ја сретне во град, психички ја малтретираше, а полицијата бараше тој да нема пристап до ќерка ми.
Ќерка ми со малолетниот брак има многу пропуштено во животот. Како прво, школото каде што беше одлична ученичка, а сега остана и без средно образование. Ги испушти и друштвото и младоста. Беше избегнувана од роднини и пријатели. Ние и со повеќето роднини изгубивме контакт само поради тоа.
Јас мислам дека треба да има предавања по школите, да се советуваат со психолог, да се комуницира со тие млади, да се разменуваат мислења, да се разговара со нив. Со тоа нема да доаѓа до вакви работи, затоа што тоа е многу лошо“, сведочи оваа мајка.
Со судска одлука може да се дозволи брак на лице со навршени 16 години
Кристина Стојчева, адвокатка од Свети Николе, ја објаснува поставеноста во македонското законодавство за малолетничките бракови:
„Склучувањето брак во нашата законска регулатива е регулирано со Законот за семејство, поточно во член 16, каде што е пропишано дека само полнолетно лице со навршени 18 години може да склучи брак. По исклучок, може да се дозволи брак на лице со полни 16 години,
меѓутоа тоа се прави во посебна судска вонпарнична постапка. За тоа судот дава дозвола само ако се исполнети неколку услови. Таквите услови се лицето да постигнало телесна и душевна зрелост, потребни за вршење на правата и на должностите во бракот, да има позитивно мислење од здравствена установа и укажана стручна помош од Центарот за социјална работа. Сметам дека сегашната законска регулатива е добро поставена“, вели адвокатката Кристина Стојчева.
Од македонската канцеларија на Агенцијата на Обединетите нации за деца, УНИЦЕФ, сметаат дека законските исклучоци во македонското законодавство за склучување брак на лица што навршиле 16 години од животот, создаваат правни празнини што овозможуваат детски бракови и отвораат прашања дали младите навистина можат да дадат „слободна и целосна“ согласност – принцип признаен во Универзалната декларација за човекови права. Според нив, согласноста не може да се смета за слободна кога децата не се доволно зрели за да донесат информирана одлука за брак. Оттаму додаваат:
„Меѓународните тела за мониторинг исто така изразија загриженост. Групата експерти на Советот на Европа (GREVIO), која го следи спроведувањето на Истанбулската конвенција, ја повика Северна Македонија да ги зајакне своите закони со експлицитно криминализирање на присилниот брак. Ова вклучува и присилување лице да стапи во брак и мамење на лице во странство со намера да се принуди на брак против негова волја, дури и ако бракот не е склучен. Комитетот за правата на детето во своите Заклучни забелешки за Северна Македонија во 2022 година исто така препорачува државата да го измени Законот за семејство за да ги отстрани сите исклучоци што дозволуваат брак под 18 години.“
Национални мерки и меѓународни обврски против детските бракови
Од ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Свети Николе за Локал Актив Вардар велат дека по добивање информација за лице што пред полнолетство сака да склучи брак, поведуваат постапка во која се вклучени малолетното лице и неговите родители како и неговиот избраник. Со нив спроведува советодавно советувалишна работа за брачното живеење, за раното родителство и друго. По спроведената советодавно советувалишна работа, Центарот за социјална работа доставува согласност до Судот за стапување на малолетното лице што навршило 16 години во легална брачна заедница. Покрај добиена согласност за помината обука во ЦСР, за дозвола за брак неопходно е да има и согласност од двајцата родители или од старателот на малолетната личност за склучување легален брак.

Портпаролката на Министерството за социјална политика, демографија и млади Зорица Андреева за Локал Актив Вардар вели дека РС Македонија ги има ратификувано релевантните меѓународни конвенции и во најголем дел го има усогласено националното законодавство, а се донесени и национален план и стратегии:
„Усвоен е Национален акциски план за правата на детето (2025 – 2029), кој содржи повеќе мерки, а една од нив е иницирање измени на Законот за семејството за укинување на сите исклучоци за брак под 18 години, а други мерки се спроведување превентивни програми и поддршка за ранливи семејства, обуки на локално ниво какви што се здравствени медијатори, НВО и образовни служби, како и кампањи за подигнување на јавната свест за штетните последици од детските бракови.
Нормативите на ЕУ јасно се залагаат за целосна заштита на децата и не дозволуваат малолетнички бракови или заедници со малолетници, при што како стандард се утврдува 18 години како минимална возраст. Република Северна Македонија во најголем дел е усогласена со овие стандарди, но постојат законски исклучоци што се предмет на континуирано усогласување и унапредување во согласност со европските препораки“, вели портпаролот Андреева.
Македонија има преземено обврски преку неколку клучни меѓународни договори што поставуваат глобални стандарди за заштита на децата и на жените од штетни практики како што е детскиот брак. За Локал Актив Вардар, УНИЦЕФ ги образложи овие меѓународни документи:
„Ќерка ми со малолетниот брак има многу пропуштено во животот. Како прво школото каде што беше одлична ученичка, а сега остана и без средно образование. Ги испушти и друштвото и младоста. Беше избегнувана од роднини и од пријатели. Ние и со повеќето роднини изгубивме контакт само поради тоа“, вели мајка што се спротивстави на малолетничкиот брак на својата ќерка.
„Конвенцијата за правата на детето (CRC) гарантира право на секое дете да биде заштитено од штетни практики, вклучително и детски бракови. Двата опционални протоколи дополнително ја зајакнуваат заштитата преку забрана за вклучување деца во вооружени конфликти и спречување експлоатација преку продажба, проституција и порнографија.
Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW) ги обврзува државите да ја елиминираат дискриминацијата во бракот и во семејните односи, експлицитно забранувајќи детски бракови.
Истанбулската конвенција се фокусира на спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, и бара државите да го криминализираат присилниот брак, без разлика дали станува збор за деца или за возрасни.
Иако е постигнат напредок, УНИЦЕФ нагласува дека е потребна посилна примена на законите, подобри системи за заштита и постојани напори за да се обезбеди секое дете да биде заштитено од рани и присилни бракови“, додаваат од УНИЦЕФ.
Загубени можности
Прекинато образование, изгубени животни можности, зголемени здравствени ризици, емоционални трауми и различни форми на насилство – тоа е реалната цена што ја плаќаат децата кога детството го заменуваат со брачни обврски. Последиците не ги погодуваат само нив, туку се пренесуваат и врз семејствата, заедницата и идните генерации.
„Раното стапување во брак претставува сериозен социјален проблем што директно го нарушува континуитетот на образованието на малолетниците. Во таквите случаи учениците обично го прекинуваат образовниот процес, со тоа тие ги губат најважните предности што ги носи образованието, а тоа е градење на личноста, стекнување знаења, развој и вештини, стекнување квалификации потребни за пазарот на трудот и градење економска независност“, вели Сузана Дерменџиева, педагог и директор на ООУ „Гоце Делчев“ Свети Николе.
„Кога детето ќе ја замени куклата со бебе, а книгата со тенџере, веднаш станува видлива неподготвеноста и незрелоста. Партнерот и околината очекуваат преземање на задачата од новата улога во семејството, но неможноста да се одговори може многу често да заврши со емоционални повреди и разочарувања, страдање, душевни нарушувања и развод“, укажува психологот Емина Петкова.
Според УНИЦЕФ, здравствените ризици се особено сериозни. Детските невести почесто забременуваат во адолесценција, кога нивните тела не се подготвени за породување. Компликациите при бременост и породување се двојно поверојатни кај девојчињата под 18 години, што ги изложува на ризик и мајките и бебињата. Децата родени од млади мајки често се соочуваат со послабо здравје, образование и животни изгледи, што значи дека последиците од детските бракови можат да се пренесат и на следните генерации.
„Најлошо од насилствата е економското насилство, затоа што претежно тие немаат пристап до пари, немаат пристап до работа, не можат никако економски да се осамостојуваат или економски да бидат јаки за да можат да се справат со својата состојба. Во ваквите случаи се појавува и сексуално насилство, во форма на принуда и непосакувани односи, кои, за жал, се случуваат и доведуваат до малолетни бремености, кои се ризични за девојчиња на таа возраст“, вели Кјмет Амет, претседателка на Ромската асоцијација за жени и млади „ЛУЛУДИ“, осврнувајќи се на последиците од раните заедници со малолетници.

Сиромаштија, нееднаквост и традиција како причини за раниот брак
Од македонската канцеларија на УНИЦЕФ велат дека детските бракови во Северна Македонија се тесно поврзани со сиромаштијата, недостигот од образование и социјалната исклученост:
„Податоците покажуваат големи разлики: 24 % од жените на возраст од 20 до 49 години од најсиромашните домаќинства стапиле во брак пред да наполнат 18 години, во споредба со само 2 % од најбогатите домаќинства. Образованието игра клучна улога, 29 % од жените со само основно или без образование стапиле во брак пред 18 години, додека стапката се намалува на помалку од 1 % кај жените со високо образование.
Ситуацијата е уште потешка во ромските заедници, каде што економските тешкотии и социјалната маргинализација се преклопуваат. Повеќе од половина (57 %) од жените од најсиромашните ромски домаќинства стапиле во брак пред 18 години, а 15,5 % од Ромките стапиле во брак пред да навршат 15 години, во споредба со само 0,3 % кај жените во целина.
Овие бројки јасно покажуваат дека детските бракови се поттикнати од нееднаквост. Сиромаштијата, ограничениот пристап до образование и дискриминацијата се комбинираат и ги ограничуваат можностите за девојчињата, продолжувајќи ги циклусите на исклученост со генерации“, истакнуваат од УНИЦЕФ.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади одговорија дека причините за малолетнички бракови и неформални заедници се повеќеслојни. Најчесто се поврзани со традиционални и културни практики, сиромаштија и економска несигурност, низок степен на образование и рано напуштање на училиштето, како и семеен и социјален притисок.
Од досегашните случаи со кои работел Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Свети Николе, како причини за стапување во малолетнички бракови се наведуваат традиционално прифатени норми за рано стапување во брак на одредена популација, како и рана заљубеност кај млади.
Од УНИЦЕФ сметаат дека законските исклучоци во македонското законодавство за склучување брак на лица што навршиле 16 години од животот создаваат правни празнини што овозможуваат детски бракови и отвораат прашања дали младите навистина можат да дадат „слободна и целосна“ согласност – принцип признаен во Универзалната декларација за човекови права. Според нив, согласноста не може да се смета за слободна кога децата не се доволно зрели за да донесат информирана одлука за брак.
Неевидентираните случаи на малолетнички бракови се побројни
Бројот на склучени бракови со малолетници со над 16 години за периодот од 2021 до 2024 година на територијата на Македонија изнесува 278 брака. Овој податок е даден од Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ), врз основа на бројот на нови судски барања за склучување брак со малолетно лице над 16 години, според годишни извештаи на центрите за социјална работа во Македонија.
Според прегледот на МСПДМ, од вкупните 278 брака на ниво на државата, поделени по плански региони за изминатиот петгодишен период, на прво место, со 51 барање за склучување брак со малолетници, е Пелагонискиот Регион, потоа, со 49 следува Југозападниот Регион, Скопскиот Регион со 43, Источниот со 37, Југоисточниот Регион со 35, а потоа следува Вардарскиот регион со 29 барања за малолетнички бракови, а на крајот се Полошкиот и Североисточниот Регион.
Според Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Свети Николе, кој ги покрива општините Свети Николе и Лозово, за периодот од 2021 до 2025 година се евидентирани два малолетнички брака, додека евидентирале шест случаи на деца во ризик, кои имале обид за вонбрачно живеење за овој период. Oд Средното општинско училиште „Кочо Рацин“ од Свети Николе добивме податоци дека за последните три години, 14 ученици го напуштиле ова средно училиште поради влегување во малолетнички вонбрачни заедници. Возраста на учениците што го напуштиле образованието од овие причини е од 15 до 17 години.
Според сознанијата на организацијата „ЛУЛУДИ“, случаите на предбрачни и неформални заедници со малолетници се прикриваат: „Особено ако имаме случаи каде што девојчињата се малолетни, а мажот е полнолетен, тука имаме кривично дело, тоа е директна злоупотреба на девојчињата. Така што овие случаи не се пријавуваат и се прикриваат“, додава претседателката на организацијата Кјмет Амет.
Потребна е заедничка превенцијата од повеќе чинители
Сите наши соговорници се согласни дека превенцијата е клучниот одговор за намалување на малолетничките бракови и на неформалните заедници со малолетници. Превенцијата, како што нагласуваат и институциите и граѓанските организации, мора да започне рано – во училиштата, во семејствата и во заедницата.
Училиштата се посочуваат како едно од најважните места за превенција, преку едукација на учениците за личниот развој, правата на детето, половата еднаквост, здравите односи и значењето на образованието. Педагозите, психолозите и наставниците имаат клучна улога во препознавање ризични ситуации, во советување и во поддршка на учениците што се изложени на притисоци за рано стапување во брак или во заедница.
Oд Средното општинско училиште „Кочо Рацин“ од Свети Николе добивме податоци дека за последните три години, 14 ученици го напуштиле ова средно училиште поради влегување во малолетнички вонбрачни заедници. Возраста на учениците што го напуштиле образованието од овие причини е од 15 до 17 години.
Родителите, според соговорниците, се еднакво важни во превенцијата. Едукацијата на родителите за последиците од раниот брак, за ризиците по здравјето, образованието и благосостојбата на децата, како и за нивната одговорност да ги заштитат, а не да ги жртвуваат децата поради традиција, сиромаштија или социјален притисок, се посочува како неопходна мерка.
Јавните кампањи за подигнување на свеста, кои ги спроведуваат институциите и граѓанските организации, се наведуваат како средство за промена на штетните општествени норми, стереотипи и прифатени практики што го одржуваат феноменот на детските бракови. Кампањите треба да ја истакнуваат „вистинската цена“ на раниот брак: прекинатото образование, емоционалните трауми, здравствените ризици и насилството.
Посебен акцент се става и на координацијата меѓу институциите: училиштата, центрите за социјална работа, полицијата, здравствените установи, судството и граѓанските организации. Само преку навремена размена на информации, заеднички протоколи за постапување и мултисекторски пристап може да се обезбеди рано препознавање на ризикот и ефективна заштита на децата.
Мерките за превенција и заштита треба да се спроведуваат и во рамките на Националниот акциски план за правата на детето (2025 – 2029), кој предвидува конкретни активности за спречување на малолетничките бракови, преку обуки на локално ниво и на образовните служби, преку спроведување превентивни програми, како и кампањи за подигнување на јавната свест за последиците од детските бракови.
Малолетничките бракови не се приватен проблем на семејствата, туку општествен проблем што бара системски, координиран и долгорочен одговор. Сите засегнати страни истакнуваат дека заштитата на децата најпрво треба да оди преку превенција со едукација и јавни кампањи, законските рамки и координираниот институционален пристап. Тоа е начинот за да се спречат повторувања на трагични приказни со малолетнички бракови.
* Даниела Панева е активистка во Организација на жените на општина Свети Николе
** Ристе Панов е новинар
**Текстот е преземен од Локал Актив Вардар е онлајн медиум на локалните заедници од Вардарскиот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.
Локал Актив Вардар е основан во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“, поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy) од САД. Реализацијата на овој проект и формирањето на Локал Актив произлезе од идејата дека непрофитните медиуми на заедницата се од клучно значење за остварувањето на комуникациските права на локалните заедници, а особено на ранливите и маргинализираните групи граѓани.
Локал Актив Вардар се надоврзува на активностите на Институтот РЕСИС за унапредување на комуникациските права на граѓаните на локално ниво, преку формирањето на Мрежата од совети на публики во која членуваат повеќе од 60 граѓански организации кои ги застапуваат правата на ранливите групи граѓани низ сите осум региони во РСМ.
Оваа содржина е создадена во рамките на проектот „ Медиуми на заедницата за граѓански ангажман: Трансформирање на општествените барања во општествена акција“, кој го спроведува Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС од Скопје, со финансиска поддршка од Европската унија. Ставовите и мислењата искажани во содржината не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторот.