Министерството за финансии подготвува измени на Законот за финансиски друштва, со кои се предвидува зајакната контрола врз компаниите што одобруваат брзи кредити и поголема заштита на граѓаните.
Една од клучните измени е укинување на исплатата на кредитите во готовина. Според најавените правила, кредитните средства ќе може да се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка, со цел поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризикот од злоупотреби.
Со измените се предвидува секое финансиско друштво да има задолжителни внатрешни тела, меѓу кои одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор.
Дополнително, ќе се зајакне контролата при отворање нови деловни простории. За тоа ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии, според утврдени критериуми за условите за работа.
Предвидено е и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како дел од мерките за поголема стабилност во работењето на овој сектор.
Министерството за финансии соопшти дека во 2025 година, при надзор над финансиските друштва, биле изречени 26 наредби и издадени четири прекршочни налози. Во истиот период била одземена една лиценца за работа на финансиско друштво.
Од Министерството претходно информираа дека контролите покажале неправилности во рекламирањето на финансиските услуги, вклучувајќи рекламирање со нула проценти камата, иако во договорите биле предвидени дополнителни трошоци.
Неправилности биле утврдени и кај рекламирање услуги под брендови без јасно наведување на финансиското друштво, користење повеќе веб-страници од исто друштво и употреба на назив во деловните простории различен од оној наведен во дозволата за работа.
