Праксата на чести вонредни избори беше карактеристична за периодот на владеење на Никола Груевски, кога, во интервал од десет години, земјата влезе во серија избори што создадоа перманентна политичка мобилизација. Ваквата динамика ѝ одговара на конзервативната десница, особено кога има стабилно партиско јадро и контрола врз институциите и наративите.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Најавата за можни предвремени избори доаѓа во момент на засилена политичка конфронтација околу бугарската блокада и евроинтегративниот процес, но и во услови на веќе воспоставен наратив на власта за „наследени грешки“ од претходната гарнитура.
Токму затоа, изјавата на премиерот дека „добрата вест е дека набрзо ќе има избори и дека СДСМ како партија ќе се маргинализира“ не треба да се чита изолирано, туку како дел од поширока комуникациска стратегија.
Она што веднаш паѓа во очи е контрадикторноста во јавните настапи на извршната власт. Само неколку недели претходно, истиот премиер тврдеше дека „не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори“ и дека фокусот треба да остане на реформите. Овој пресврт од дефанзивна кон офанзивна реторика укажува дека изборите во овој момент не се нужно институционална потреба, туку политичка алатка.
Во таа смисла, „фрлената ракавица“ кон опозицијата може да се толкува на три паралелни нивоа.
Првото е краткорочно и има два аспекти.
Првиот аспект е дефокусирање на јавноста од чувствителни теми како што е бугарската блокада и застојот во евроинтеграциите. Наместо дебата за одговорноста или дипломатските капацитети, фокусот се префрла кон изборна динамика, рејтинзи и партиски пресметки. Ова е класичен механизам на пренасочување на политичката агенда, каде што конфликтот се преформулира во термини што ѝ одговараат на власта.
Во првиот аспект влегува и темата „унгарски заем“. По најавата на Петер Маѓар кој треба да ја преземе премиерската функција во Унгарија, дека ќе се преиспита патот на парите од кинеските банки до земјите од регионот, вклучително и Македонија, потенцијално создва непријатен амбиент за владата на Мицкоски. Затоа, според нив, очигледно, убаво би било фокусот да се префрли на нешто друго. Оттаму, зошто не на предвремени избори?
Вториот аспект е консолидацијата на СДСМ. Да потсетиме, претседателот на СДСМ, Венко Филипче ги најави долгорочните планови на партијата и планираните активности поврзани со претстојниот Конгрес и меѓународната соработка со сестринските партии на СДСМ.
„Скопска иницијатива“ со регионалните сестрински партии е најавена како регионална активност со потпишување заедничка платформа за борба против авторитарни режими, борба со корупција и европска интеграција на регионот.
На ВМРО-ДПМНЕ и на „Платформата“ на „отпадниците“ од СДСМ, не им одговара консолидиран СДСМ и етаблирање на Филипче како фактор и во регионот.
Ако внимателно се анализираат случувањата на македонската политичка сцена, има една интересна константа која се повеќе станува видлива.
По локалните избори се заостри политичката борба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и главната опозициска партија СДСМ. Таа е видлива на секојдневно ниво и по интензитет и по реториката, но и по случувањата. Како што СДСМ „дигна глава“, така гледаме силна негативна кампања, со јавен линч кон првите луѓе во СДСМ особено врз претседателот на партијата Филипче.
Оваа анализа покажува и уште една политичка константа.
Секогаш кога ќе се случи криза во власта, кога ќе има одреден скандал, кога нема одговор на суштинските секојдневните проблемите на граѓаните, се применува како по книга тактиката за дефокус.
Второто ниво е подлабоко и има системски импликации. Сега некако како да станува јасно зошто беше толку силно инсистирањето за укинување на техничката влада.
Да, точно е дека оваа промена ќе се однесува на вторите следни редовни избори, но комбинирано со периодични најави за избори, отвора простор за сценарио на чести изборни циклуси.
Токму оваа пракса, на чести вонредни избори, беше карактеристична за периодот на владеење на Никола Груевски, кога, во интервал од десет години, земјата влезе во серија избори што создадоа перманентна политичка мобилизација. Во таква состојба, институциите функционираат во режим на кампања, а јавната дебата се сведува на бинарни партиски судири.
Историското искуство покажува дека ваквата динамика ѝ одговара на конзервативната десница, особено кога има стабилно партиско јадро и контрола врз наративите. Честите избори не се само механизам за проверка на легитимитетот, туку и средство за негово репродуцирање. Кризите – било реални или политички конструирани се користат како аргумент дека „народот треба да пресуди“, што ја одржува високата мобилизација на гласачкото тело.
Сепак, разликата меѓу денешниот контекст и периодот 2006–2016 е во надворешниот фактор. Бугарската блокада и европската перспектива не се само внатрешнополитичка тема, туку прашање со силна меѓународна димензија. Честите избори во такви услови носат ризик од дополнителна нестабилност и губење на кредибилитетот пред партнерите. Оттука, реториката за избори може да биде повеќе средство за внатрешна консолидација отколку реална намера за нивно брзо распишување.
Оттука, дилемата дали се работи за дефокус или за стратегија не е нужно или-или. Повеќе наликува на комбинација од двете: краткорочно пренасочување на вниманието и долгорочно тестирање на теренот за модел на владеење во кој изборите стануваат повторувачки инструмент на политичка доминација. Во таков модел, самата најава за избори е политички чин за дефокус, независно дали навистина ќе се одржат веднаш или ќе останат како закана во позадина.