МОН не простува: Поништени дипломи и уписи и пријави во обвинителство за Филозофски на УКИМ и Славјански универзитет

дипломи

Министерството за образование и наука ќе поништи дипломи поради утврдени неправилности во високото образование.

Министерката Весна Јаневска соопшти дека на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се поништуваат осум дипломи, откако претходно биле поништени и уписите на истите студенти. Станува збор за вкупно 17 лица, од кои дел биле запишани на втор циклус и веќе дипломирале, додека останатите продолжиле на трет циклус студии.

Јаневска посочи дека една од институциите сè уште не поништила едно уверение, по што МОН ќе постапи и ќе ги поништи и преостанатите документи. Таа нагласи дека Министерството постапува согласно закон и дека нема разлика меѓу јавни и приватни универзитети кога станува збор за санкционирање на неправилности.

Дополнително, веќе е објавен и случајот со Славјанскиот универзитет, каде се поништени две дипломи на еден студент поради сомнение дека во исто време студирал на додипломски и постдипломски студии, при што постои сериозен сомнеж за фалсификат.

Двата случаи се пријавени во Јавното обвинителство, кое треба да утврди како ќе продолжи постапката во рамки на своите надлежности. Изјавата Јаневска ја даде по доделувањето на државната награда „Гоце Делчев“ за остварувања во науката.

Зачлени се на нашиот е-билтен