Букурешт денеска е дипломатскиот центар на источниот фланг на НАТО, откако романскиот претседател Никушор Дан и полскиот претседател Карол Навроцки го отворија Самитот на Букурештската деветка, формат што ги обединува земјите од источниот раб на Алијансата. На состанокот присуствуваат и генералниот секретар на НАТО Марк Руте и украинскиот претседател Володимир Зеленски, во момент кога војната во Украина останува главната безбедносна линија што ја обликува европската политика.
Самитот се одржува во проширен формат, со учество и на нордиските земји, што му дава поширока географска и политичка тежина на состанокот. Пораката што доаѓа од Букурешт е дека источниот фланг на НАТО повеќе не сака да биде третиран како периферија на Алијансата, туку како простор каде најдиректно се тестира европската безбедност, од Арктикот до Црното Море.
Полскиот претседател Навроцки во отворањето порача дека руската агресија не е изолиран конфликт, туку обид да се ослабат единството на НАТО и демократските држави. Тој оцени дека земјите од Букурештската деветка се „центар на гравитација“ на Алијансата и дека постојаното присуство на сојузниците е клучно за одвраќање и одбрана.
Романскиот претседател Дан, пак, ја постави средбата во рамка на зајакнување на трансатлантската безбедност. Неговата порака беше дека земјите членки мора да ги зголемат издвојувањата за одбрана, но и тие пари да ги претворат во реални способности, преку посилна европска одбранбена индустрија и поцврста координација со САД.
Букурештската деветка е формирана во 2015 година, по руската анексија на Крим и по првите големи безбедносни потреси на истокот на Европа. Во неа членуваат Полска, Романија, Бугарија, Чешка, Словачка, Унгарија, Естонија, Летонија и Литванија. Форматот со години служи како координациска платформа за земјите кои најдиректно ја чувствуваат руската закана и бараат посилно присуство на НАТО на источната граница на Алијансата.
Присуството на Зеленски ја нагласува врската меѓу безбедноста на Украина и безбедноста на источниот фланг. За земјите од регионот, поддршката за Киев веќе не се третира како надворешнополитичко прашање, туку како директен дел од сопствената одбранбена логика. Дан порача дека поддршката за Украина и Молдавија не треба да остане декларативна, туку мора да биде практична, бидејќи безбедноста на тие земји е поврзана со безбедноста на самите членки на НАТО.
Самитот доаѓа во период кога европските сојузници се под зголемен притисок да преземат поголем дел од товарот за сопствената одбрана. Пораката од Букурешт е дека повеќе пари за одбрана веќе не се политичка желба, туку нова стратешка реалност. Но, суштинското прашање останува дали зголемените буџети ќе донесат побрза модернизација, повеќе производство, подобра логистика и реална способност за одвраќање.
За Романија и Полска, кои го коосноваа форматот, овој самит е и обид да се зацврсти нивната улога како водечки држави на источниот фланг. Букурешт ја нагласува својата позиција на Црното Море, а Варшава својата улога како главен воен и логистички столб на НАТО кон Украина и Балтикот. Заедничката порака е дека источниот фланг не бара само гаранции, туку и конкретно присуство, инфраструктура, оружје и индустриски капацитет.