Ризикот од хантавирус во Македонија е низок, ИЈЗ ја следи состојбата

Институтот за јавно здравје соопшти дека во моментов нема регистрирани случаи, патници или блиски контакти поврзани со Македонија во врска со кластерот на хантавирусна инфекција регистриран кај патници и членови на екипажот на крузерот MV Hondius во регионот на Јужниот Атлантски Океан.

Од ИЈЗ наведуваат дека засега нема индикации за ризик по јавното здравје во земјата, но дека состојбата се следи во комуникација со меѓународните здравствени институции. Според податоците на Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болести, во кластерот досега се регистрирани осум потврдени и сомнителни случаи, меѓу кои и три смртни исходи.

Хантавирусите се група зоонозни вируси што најчесто се пренесуваат преку контакт со заразени глодари или со честички контаминирани со нивна урина, измет или плунка. Најчест начин на инфекција е вдишување на контаминирани честички, особено при чистење простории, складишта, викендички, штали или други затворени места каде претходно имало глодари.

Институтот објаснува дека постојат два главни синдроми поврзани со хантавирусна инфекција. Во Европа и Азија се јавува хеморагична треска со бубрежен синдром, која е регистрирана и во Македонија, додека во Северна и Јужна Америка почест е хантавирусниот белодробен синдром, кој може да има потежок тек и повисока смртност.

Кластерот на крузерот е поврзан со Andes вирусот, тип на хантавирус што е карактеристичен за Јужна Америка. Европскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека токму овој тип е единствениот хантавирус за кој е документиран ограничен пренос од човек на човек, но тоа се случува ретко и најчесто при близок и продолжен контакт. Европските типови хантавируси, пак, не се пренесуваат од човек на човек.

Затоа здравствените институции нагласуваат дека хантавирусот не се однесува како ковид-19 или грип. Тој не се шири лесно во заедница, а ризикот за пошироката европска популација, според ЕЦДЦ, останува многу низок. Дополнителна причина за нискиот ризик е тоа што природниот резервоар на Andes вирусот не е присутен во Европа, што го прави одржливото ширење преку животни малку веројатно.

И покрај нискиот ризик, превенцијата останува важна. Бидејќи нема специфична вакцина или лек што ја лекува инфекцијата, заштитата се базира на избегнување контакт со глодари и нивни излачувања. Светската здравствена организација препорачува затворање отвори низ кои глодарите можат да влезат во објекти, безбедно складирање храна, внимателно чистење на контаминирани простории и избегнување суво метење или правосмукање на измет од глодари, бидејќи така може да се подигнат заразени честички во воздухот.

Симптомите може да се појават по подолг инкубациски период, најчесто меѓу една и осум недели по изложување, и може да вклучуваат треска, главоболка, болки во мускулите, стомачна болка, гадење или повраќање. Кај потешките форми болеста може да напредува кон белодробни, срцеви или бубрежни компликации, поради што раната лекарска проценка е важна доколку симптомите се јават по можен контакт со глодари или по престој во ризични средини.

Најчитано