Македонскиот дизајнер и илустратор Зоран Кардула е инспириран од социјалистичкиот брутализам и редизајнира познати југословенски производи за да ги илустрира националните херои и хероини, феминистките, филмовите, сериите…
Со овие зборови новинарката Ведрана Бибиќ го започнува претставувањето на Кардула во магазинот „Нада“ на Српскиот демократски форум во Хрватска.
Малку над реката Морача, во срцето на Подгорица, на лед екраните на етно џез клубот „Сејдефа“, се менуваат современите илустрации на спомениците на НОБ, 60 на број, со илустрации на народни хероини од сите народи и националности, работени во поп-арт стил, додека звучниците ги редат „Билеќанка“, „Bandiera rossa“ и „Bella ciao“. Во аголот од собата скромно стои авторот кој го гледа отворањето на својата изложба бидејќи, како што вели, не се снаоѓа пред микрофонот. Станува збор за познатиот македонски графички дизајнер, илустратор и сликар Зоран Кардула, кој по 41 година повторно ја посети Црна Гора за да биде дел од проектот „Минатото за иднината“ на Центарот за демократска транзиција. ЦДТ одлучи со проектот да ја одбележи 80-годишнината од битките на Неретва и Сутјеска, како и втората седница на АВНОЈ, а Кардула вели дека, за жал, Македонија не ги слави овие, според него, најважните датуми на нашата заедничка историја. Микрофоните се исклучени, цигарите се палат и го започнуваме разговорот.
Зоран Кардула е роден 1967 година во Крушево. Иако по професија е електроинженер, со дизајн се занимава уште од 1993 година.
– Дваесет години работев во адвертајзинг агенција, а последните шест години сум фриленсер и работам половина работно време за клиенти и половина работно време за мојата душа – вели Кардула.
Додава дека за него е исклучително важно што делата, кои секојдневно ги објавува на Инстаграм и Фејсбук, допираат до помладите генерација која речиси ништо не учи за нашето антифашистичко минато во текот на своето образование.
– Во мојата работа првенствено сум инспириран од социјалистичкиот брутализам, кој е многу застапен во Македонија – и во Скопје и моето родно Крушево – па често ги користам тие споменици во илустрациите, особено крушевскиот Илинден, во чиј комплекс ја организирав изложбата. Една од сериите што ја сакам е онаа во која ги ставам ликовите од „Војна на ѕвездите“ пред југословенските бруталистички споменици и неверојатно е колку добро се вклопуваат. Фасциниран сум од нашите споменици, начинот на кој се изградени, вложените пари во нив, визијата и храброста. Денеска не можеме ни да замислиме нешто слично – вели тој.
Гледајќи ги делата на Кардула, забележавме дека многумина се потпираат на рускиот конструктивизам. Тие дела ги изложувал и во Масачусетс, нагласувајќи дека руската авангарда била чиста егзотика за американската дизајнерска заедница. Зоран Кардула секој 8-ми март наместо честитка објавува низа илустрации на жени кои нè задолжиле, а кои ги смета и за лични узори.
– Правев илустрации на народни хероини, потоа на жени од нашите простори кои учествувале во Шпанската граѓанска војна, жени од Баухаус, портрети на значајни светски феминистки, од Клара Цеткин преку Роуз Паркс до Мира Фурлан и Вирџинија Вулф – додава тој.
Во рамките на изложбата што ја постави во Рим во чест на Предраг Матвејевиќ, изложуваше дела во кои ги редизајнира познатите југословенски производи, кои ги „преоблекува“ во помодерно руво, а во исто време го следи нивниот оригинален дизајн, па така гумата за џвакање „Bazooka“, бонбоните „505 со линија“ и чоколадото „Сека“ го добија печатот на Кардула.
– Работејќи на оваа серија, сфатив дека југословенскиот дизајн, иако по форма сличен на рускиот конструктивизам, сепак имал влијанија од Запад – беше помек и пошарен. Италијанците го сакаат југословенскиот редизајн, па веќе третпат правам изложба во Рим – ни раскажува Кардула, додека вади таблет за да ни покаже дел од делата.
-Иако секојдневно сум активен на социјалните мрежи, сепак немам мобилен телефон, но може да ме контактирате преку мејл – се смее тој.
Една од сериите што му е омилена, а за која смета дека најлесно комуницира со помладата публика, е модниот едиторијал со југословенските херои и хероини, кои ги седнал на столчиња и ги облекол во модерна облека.
– Инспирацијата ја добив кога ја видов познатата обоена фотографија на младиот Тито со очила за сонце. Решив да направам сто лица на столчиња, досега имам направено триесетина. Тоа е забавно и на многу луѓе им е блиско, а исто така е одлична можност за оние кои не ги познаваат овие важни луѓе да се заинтересираат за нивните биографии – објаснува Кардула.
Некои од овие портрети се изложени во Младинскиот центар во Сараево на изложбата што беше отворена на 15 јуни како дел од конференцијата Point, па посетителите имаат можност да дознаат како би изгледал словенечкиот политичар и револуционер Борис Кидрич во фармерки, а Иван Горан Ковачиќ во тениски патики.
Кардула не се занимава исклучиво со дигитални илустрации, со години црта лице на една црна жена во туш-техника на која додава дигитален колорит.
– Престанав да сликам со масло на платно кога дознав дека мојата помала ќерка има аутизам и така настанаа портретите на жените, земав туш и цртав со денови, месеци, години во тој најтежок период од мојот живот – вели Зоран, кој ни подарува прекрасна сликовница „Гуш и бац“, неговиот најважен проект.
-Гуш и бац се зборови од јазикот на ќерка ми Ерато, а значат прегратка и бакнеж. За време на Шарената револуција, нашето семејство не пропушти ниту еден протест, а тогаш деветгодишната Ерато ги гушкаше и бакнуваше демонстрантите во толпата, досега не сме ја виделе толку среќна. Ми дојде идејата да поканам илустратори да ја илустрираат сликовницата, речникот на нејзиниот јазик, па така „Гуш и бац“ има 47 зборови преведени на осумнаесет јазици, меѓу кои и хрватски и српски, а во проектот учествуваа 33 илустратори. Дома зборуваме влашки, цинцарски, па прво помисливме дека нашата ќерка зборува некаков микс од влашки и македонски, но излезе дека измислила сосема нов јазик, само свој, кој полека почнавме да го учиме. Првото издание на сликовницата веднаш се распродаде, а сите пари одат за терапија за деца со аутизам – вели Кардула.
Покрај делата инспирирани од југословенското наследство, тој прави и илустрации на современи филмови и серии, холивудски актерки и актери и домашни музичари.
– Илустрирам се што ми се допаѓа, на пример, бев, како и целата моја генерација, опседнат со ТВ серијата „Твин Пикс“ па морав да работам на неа, следам и модерни филмови и серии, па направив илустрација за „Дамин гамбит“. Имав потреба да ја одбележам смртта на Вивиен Вествуд, како и на „Оскарот“ на Џејми Ли Кертис. Правам сè што ми се допаѓа и уметноста што ја консумирам, антифашизмот ми е исклучително важен во моите дела, но има и една личност која беше на другата, погрешна страна, и која многу ја сакам, а тоа е Салвадор Дали – наведува тој.
На отворањето на изложбата „Минатото за иднината“, главната секретарка на истоимениот проект, Ивана Живковиќ, истакна дека сме должни барем делумно да бидеме храбри и слободни како оние кои, според зборовите на АФЖ (Антифашистичкиот фронт на жените), кинеле синџири и окови во битка. Зоран Кардула додава дека треба постојано да се повторува дека темелот на сите наши држави е Народноослободителната борба и антифашизмот, и дека ако младите го заборават тоа, иднината не може да биде добра. А луѓето и уметниците како Кардула се тука да не дозволиме да заборавиме. Вечерта на оваа чудна далматинско-македонско-црногорска група заврши, како што треба, со рацете во воздух. Заклучуваме дека освен борбата со заборавот, секогаш треба да најдете време за танцување. Така нè научија најдобрите.