Осумнаесет рудари кои со часови беа заглавени во рудникот „Стари Трг“ во близина на јужниот дел на Косовска Митровица, конечно се извлечени на површина по сериозен дефект во снабдувањето со електрична енергија, објавија регионалните медиуми.
Според информациите, рударите останале заробени под земја од околу 1:30 часот по полноќ, откако дошло до прекин на струјата поради дефект на далекуводот, што ги блокирало системите неопходни за нормално функционирање на рударските окна.
По повеќе од 12 часа поминати под земја, спасувачките и техничките екипи успеале да го санираат дефектот и да овозможат безбедно извлекување на рударите, кои според првичните информации се во стабилна состојба.
Од компанијата „Трепча југ“, која управува со рудникот, соопштија дека ова не е прв ваков инцидент и дека рударите и претходно останувале заглавени во окната поради проблеми со електричната мрежа.
Рудникот „Стари Трг“ со години се соочува со технички и инфраструктурни проблеми, а вработените често предупредуваат на тешките услови за работа и нестабилното функционирање на системите.
Инцидентот повторно ги отвори прашањата за безбедноста на рударите и состојбата на енергетската и рударската инфраструктура во регионот.
