Светите Кирил и Методиј – вечниот мост на словото, верата и единството меѓу народите

Кирил и Методиј

Во духот на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, делото на Светите браќа Свети Кирил и Свети Методиј останува едно од највеличествените цивилизациски наследства во македонската, словенската и европската историја.

Нивната мисија, родена во деветтиот век, не била само духовна и христијанска, туку и длабоко просветителска, културолошка и човечка. Таа претставувала пресвртница што засекогаш го променила духовниот и културниот развој на словенските народи, отворајќи им го патот кон писменоста, образованието и сопствениот духовен израз.

Мисијата на Светите браќа имала историско значење кое далеку ги надминувало рамките на тогашното време. Покрај христијанизацијата и просветлувањето на словенските народи, нивната дејност претставувала и храбра теолошка апологија на старословенскиот јазик.

Во време кога богослужбите во Европа се вршеле исклучиво на латински, грчки и германски јазик, Кирил и Методиј се избориле словенскиот збор да стане рамноправен јазик на литургијата и верата. Со тоа ја потврдиле универзалната идеја дека Божјата порака треба да биде разбирлива за секој народ на неговиот мајчин јазик.

Нивната просветителска мисија меѓу словенските народи оставила неизбришлива трага во духовната и културната историја на Европа. Од мисиите меѓу Сарацените и Хазарите, па сè до Моравија, Светите браќа ја ширеле христијанската вера преку јазикот што народот го разбирал и чувствувал како свој. Во Моравија тие не само што ја утврдиле верата, туку создале и препишувачки школи во манастирите, каде што се умножувале книги и се образувале свештеници кои ќе ја продолжат нивната мисија. Нивното дело станало темел на духовното обединување на словенските народи и симбол на културното поврзување во Европа.

Мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничкитe допирни точки не нè делат, туку нè поврзуваат. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира.

Особено значење во нивното дело има создавањето на глаголицата – првата словенска азбука, дело на Константин Филозоф, подоцна замонашен како Кирил. За основа на ова писмо тој ги зел говорните особености на словенското население од околината на Солун, од просторот на Македонија. Глаголицата претставувала револуционерен цивилизациски чекор: писмо што совршено ги бележело словенските гласови и истовремено носело длабока христијанска симболика.

Токму таа азбука станала прачекор за создавањето на кирилицата и за подоцнежното описменување и духовно издигнување на македонскиот народ и на сите словенски народи што ја прифатиле словенската писменост.

По смртта на Свети Кирил во Рим во 869 година, Свети Методиј ја продолжил мисијата меѓу Словените сè до својата смрт во 885 година. Нивното дело го продолжиле учениците Петочисленици, предводени од Свети Климент Охридски, кој во Охрид ја основал прочуената Охридска книжевна школа – едно од првите жаришта на македонската, словенската писменост и духовност во Европа. Токму преку оваа школа, словенската писменост добила нова сила и трајно се втемелила на македонскиот простор.

Големината на делото на Светите Кирил и Методиј низ вековите била препознаена и од Ватикан. Особено значаен е чинот на Папа Јован Павле Втори, кој во 1980 година ги прогласи Светите браќа за патрони и заштитници на Европа. Во својата енциклика тој истакнал дека нивната мисија претставува мост меѓу народите, културите и христијанските традиции. Со тоа Католичката црква уште еднаш ја потврдила историската вредност на словенската писменост и на духовното наследство што Кирил и Методиј му го оставиле на човештвото.

Подоцнежните посети на римските папи, меѓу кои и посетата на Папа Франциск на Македонија, повторно го актуелизираа значењето на нивната мисија како симбол на дијалог, почитување на различностите и духовно поврзување меѓу народите. Повеќе од единаесет века подоцна, делото на Светите браќа Кирил и Методиј останува живо сведоштво дека писменоста, верата и знаењето се најсилните темели на цивилизацијата.

Нивното наследство и денес е обединувачка вредност за словенските народи и за Европа. Тоа нè потсетува дека културите не се создадени за да се разделуваат, туку за да се поврзуваат преку заемна почит, духовност и просветителство. Во таа смисла, Светите Кирил и Методиј не се само историски личности – тие се вечен симбол на словото, просветата и духовната слобода.

Најчитано