Иако органското производство во светот бележи постојан раст, во Македонија овој сектор стагнира и зафаќа едвај над 1 процент од обработливото земјиште. Производителите предупредуваат дека без посилна државна поддршка, подобра едукација и фер пазарни услови, органската храна ќе остане привилегија наместо развојна шанса за македонското земјоделство.
Автори: Даниела Цветаноска* и Филип Димкоски**
Нацо Јовчевски од битолското село Дихово е регистриран органски производител на мед.

Тој објаснува дека има значајни разлики меѓу конвенционалниот и органскиот начин на производство. Органското производство бара зголемен обем на работа и поголеми трошоци, но Јовчевски вели дека крајниот купувач не го интересира толку процесот и начинот на производство на медот, туку цената.
„Ние, како органски производители, не можеме да имаме иста продажна цена со конвенционалните производители, затоа што процесот нè чини повеќе. Така, се доведуваме до загуба. Што се однесува до поддршката од државата, само ќе ви кажам дека субвенции не сум добил од 2024 година“, вели тој.
Слично размислува и Андреја Котески од Костинци, Општина Долнени, кој е сертифициран производител за органски лешник и јаболка. Смета дека е потребно да се влијае и врз менталитетот на луѓето, за да се сфатат придобивките од органски произведената храна.
„Треба да се подобри маркетингот, да сфатат луѓето дека е подобро да се јаде домашна и органска храна отколку увозна, да се подобри мрежата за дистрибуција и откуп на органски производи и да се намали ДДВ за органските средства за заштита, со цел да бидат поевтини и така производот да има конкурентна цена“, вели Котески.
Државните стимулации за органско производство се недоволни
Органското производство е начин на земјоделство што се заснова на користење природни методи и процеси за одгледување храна, без употреба на синтетички пестициди, хемиски ѓубрива и генетски модификувани организми, при што се користат природни ѓубрива, биолошка заштита и ротација на култури, со цел да се зачува здравјето на почвата, животната средина и да се произведе поздрава и побезбедна храна.

Во Македонија постои Закон за органско земјоделско производство. Според Горан Колев, претставник на сертификациското тело „Про-серт“ и член на работната група за креирање на Законот, стимулацијата за органско градинарско производство, но и за преработки од органски производи, е незадоволителна. Сегашниот начин на субвенционирање во органското земјоделство, според него, повеќе е социјална мерка отколку реален поттик.
Во моментов органските површини во Македонија зафаќаат малку над 1 % од вкупното обработливо земјиште. Во Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027 целта е да се зголеми на 2 %, што е тешко да се очекува до крајот на овој период.
Улогата на државните институции е клучна за развој на секторот, но се чини дека јазот меѓу донесените стратегии и нивното спроведување на терен останува голем. Државата обезбедува повисоки субвенции за органско производство, во споредба со конвенционалното, што е позитивно. Но, прашањето е дали тие се доволни за да ги покријат трошоците за сертификација и ризикот од намален принос, особено кај малите производители?

Не си органски производител ако немаш сертификат
За да се нарекува еден производ органски, производителот треба да поседува сертификат. Горан Колев од „Про-серт“ вели дека со процесот на сертифицирање, се обезбедува заштита на купувачите.
„Органскиот производител преку сертификацијата има доказ дека некој го контролира неговото производство. Интерес за сертификација постои, особено кај сточарите, и е предизвикан од поголемите субвенции. Во Тиквешијата, пак, има зголемен интерес за органско производство на грозје“, вели Колев.

Според научната соработничка од Земјоделскиот институт во Скопје д-р Биљана Дрвошанова, еден од најголемите проблеми со кои се соочува овој сектор е терминолошката збрка и недоволната едукација на потрошувачите.
„Честа појава на зелените пазари е секој втор производ да се нуди како ‘органски’ само затоа што ‘не е прскан’. Ова е директно доведување на купувачите во заблуда. За да биде еден производ органски, тој мора да помине низ строг процес на контрола и следење од овластено сертификациско тело. Производите без сертификат, одгледувани со одржливи методи, можат да се наречат ‘еколошки’, но никако органски. Мора да се почитува трудот на оние земјоделци што вложиле време, енергија и значителни финансиски средства за да го поминат макотрпниот пат до добивање официјален органски сертификат“, вели Дрвошанова.
Покрај малиот број производители, особено на органски зеленчук, голем проблем претставува и лошата дистрибутивна мрежа. Скопје како главен град е најголем потрошувач на органски производи. Експертите од оваа област укажуваат на потребата, државата преку кампања да ја подигне свеста за органско производство, за негова продажба и преработка на органските производи, со што ќе се покаже заокружен процес и краен видлив резултат.
Бирократијата ги „убива“ малите производители
Органското производство од животинско потекло во земјава е помалку развиено, но јасно доминира овчарството. Дури 88 проценти од органското сточарство отпаѓа на овци, додека говедата учествуваат со околу 8 проценти, а козите со околу 4 проценти.
Во бројки, тоа значи повеќе од 108.000 органски овци, околу 9.400 говеда и околу 5.000 кози. Живинарството е слабо застапено, додека органското пчеларство има значајно место во секторот. Или, севкупно, најчести органски производи во Македонија се јагнешко месо, млеко и млечни производи, сирење и мед, кои имаат потенцијал и за извоз.
Давид Неделковски, сопственик на фармата „Кози млеко планина“ во Раштак, на Скопска Црна Гора, има поинаков став во однос на органското производство.
„Првенствено станува збор за начин на живот и морална должност да се одржи и да се даде дух на наследството од предците – како животен проект. Со оглед на тоа што добитокот во секоја можност излегува по локалните пасишта и шуми, а на фарма добиваат прихрана заради благосостојба на добитокот – би кажал дека станува збор за традиционално одгледување, со примеси на современи сознанија и практики во лимитиран број добиток и количина суровина“, вели Неделковски.
Тој од неодамна самопрогласено почнал да се декларира како надоргански производител, затоа што ако органското производство е подложно на бирократија, сертификација и декларација, во неговиот случај тоа е етика, транспарентност и доверба.
„Козите се напасуваат со самоникнати растенија, билки и габи за кои не постојат декларации, а млекото се работи веднаш, откако по молзењето вршиме контрола на квалитетот и безбедна суровина. При процесот на производство со максимална посветеност се стремиме што помалку да влијаеме за да биде производот природен. Ние фармерите (сточарите) сме оператори на диверзитет, чувари на традицијата и на околината, ние го материјализираме трудот во форма на јадлива уметност“, вели тој.
Сепак, ваквиот начин на производство иако претставува најстара форма, не е заштитен ниту соодветно поддржан. Неделковски тврди дека македонските аграрни политики наместо да стимулираат, поттикнуваат гаснење на малите фарми.
„Искрено не сум запознаен, престанав да следам, затоа што е штетно по креативноста, волјата и љубовта кон професијата, која е тесно поврзана со животот на домаќинството. Дополнителен аргумент се коруптивните скандали што избија и допрва ќе избиваат во овој сектор. Но, сметам дека не само што не се поддржува, туку напротив се стимулира гаснење на малите и средни фарми и производствa преку закони, стандарди, регулативи и условени субвенции, кои компромитираат, корумпираат и спречуваат каква било автентичност, а би требало да биде спротивно, токму да се поддржуваат малите фарми и производства, па и домаќинства што ќе градат доверба и соработка со институциите и би создале диверзитет на локални производи, затоа што малите фарми и производства, пред сѐ се одржливи и локомотива на целокупниот локален и рурален развој“, забележува Неделковски.
Побарувачката расте, но понудата стагнира
Агрономот и органски производител Горан Балески забележува дека органското производство во Македонија е во стагнација, иако нуди одлична перспектива. Според Балески, ова се показатели што не смееме да ги игнорираме, бидејќи побарувачката расте, а нивна задача како производители е да одговорат на побарувачката.
„Во моментов се соочуваме со предизвикот на недоволно производство. На пример, побарувачката за органски бадем значително ја надминува понудата. Дури и ако ги собереме сите производители на бадеми во државата, вклучувајќи ги и конвенционалните земјоделци, со вкупна површина од 550 хектари, сè уште би биле мали играчи на европскиот пазар. Сепак, она што нè издвојува е додадената вредност – сертифициран органски производ и висококвалитетни преработки. Благодарение на тоа, успеваме да се позиционираме на пазарот каде што потрошувачите ги ценат автентичноста, одржливото производство и врвниот квалитет. Затоа сметаме дека органското производство нуди одлична перспектива за секој производител“, тврди Балески.
Државата се обидува да го поттикне секторот преку финансиска поддршка. За органските производители се обезбедуваат субвенции што се и до 100 проценти повисоки за одредени култури, како и кофинансирање на сертификацијата до околу 50 проценти. Вкупната годишна поддршка изнесува околу 1,6 милиони евра.

Сепак, постојат многу предизвици што го кочат развојот на органското производство. Тука се структурните проблеми какви што се малиот домашен пазар, ниската побарувачка, недоволната организација на производителите, слабиот извоз, ограничената преработка и недоволната едукација и маркетинг.
Ако погледнеме наназад, во 2024 година е забележан пад на органските површини од околу 10 проценти во однос на 2023 година, што покажува дека развојот не е стабилен и зависи од повеќе фактори.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјата имало околу 873 органски производители. Вкупната обработувана површина под органско производство изнесувала околу 4.130 хектари, додека дополнителни 1.477 хектари биле во период на транзиција, односно во процес на преминување од конвенционално кон органско производство.

Службените бројки покажуваат дека во 2023 година во Македонија со органско производство се занимавале вкупно 888 производители. Сите гранки бележат мал пад, освен овошките и бројот на пчелните семејства, кои бележат раст од по 16,5 %.
Во светски рамки, пак, во последниве десетина години се забележува значаен раст. Според податоците на Институтот за органско земјоделство и ИФОАМ, во најновото издание на „World of organis 2025“, бројот на производителите во органскиот сектор во ЕУ во 2023 година пораснал за 1,4 отсто во споредба со 2022 година, а за истата година продажбата на мало забележала раст од 3 отсто.
Во рамките на органското растително производство, најголем дел од површините, околу 50 проценти, се наменети за житни култури. Покрај нив, се одгледуваат и фуражни култури, овошје, индустриски и лековити растенија, лозје. Од друга страна, органското производство на зеленчук има многу мал удел, што укажува на неискористен потенцијал во овој сегмент.
Државната логистика како клуч за успех
И покрај предизвиците, органското земјоделство има јасен потенцијал за раст, особено во овчарството, пчеларството, овоштарството и во производството на лековити растенија.
Според Дрвошанова, и покрај сите пречки, во Македонија постојат модели на соработка што покажуваат дека органското земјоделство може да биде вносен бизнис.
„Еден од најуспешните модели за поддршка на овој сектор е преку Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост. Програмата го поддржува органското производство преку олеснување меѓународна сертификација, промоција на договорно производство, воведување современи зелени технологии и подобрување на пристапот до извозни пазари за македонските агробизниси“, смета таа.

Според Дрвошанова, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, сè поголем број органски производители се здружуваат во федерации и локални групи. Ова им овозможува заеднички да аплицираат за средства од ИПАРД-програмите за набавка на современа опрема за преработка (сушници, ладилници, пакувалници). Ова е клучно, бидејќи органската суровина добива „финален лик“ што е попривлечен за купувачот.
Успешна практика е организираното учество на македонски органски производители на светски познатите саеми како „BioFach“ во Нирнберг, Германија. Тука државата често ги покрива трошоците за изложување македонски производители и преработувачи на органска храна, производители на чаеви, зачини, мед и пчелни производи итн., овозможувајќи им директен контакт со странски купувачи и зголемување на извозот.
„Кога државата обезбедува логистика, а земјоделецот гарантира сертифициран квалитет, македонскиот органски производ лесно го наоѓа својот пат до пребирливиот европски потрошувач. Успешните примери не смеат да бидат исклучок, туку правило. Клучот за масовен успех е во пресликувањето на овие позитивни практики на сите гранки на земјоделското производство“, подвлекува д-р Дрвошанова.
Од она што го видовме, особено низ Пелагонија, голем дел производители не се запознаени со областа на органското земјоделско производство, други се попречени да го спроведат тоа поради административните процедури, а трети, пак, се сертифицирале, но се откажале поради нелојалната конкуренција на пазарот.
Во години со светска криза и со драстично поскапување на цената на храната, македонското земјоделско производство бележи опаѓање. Тоа се случува во конвенционалното производство што е многу поголемо, а секако тоа ќе се одрази и врз органското производство од растително и животинско потекло.
*Даниела Цветаноска е активистка во организацијата ЛАГ Агро лидер
** Филип Димкоски е новинар
Сторијата е преземена од lap.mk, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.
