Мицкоски зборува за „фронтранери“ во реформска агенда, извештајот за Македонија нотира недоволни реформи

Македонија

Недоволни реформи во владеењето на правото, судството и борбата против корупцијата нотира извештајот за Македонија усвоен во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, додека премиерот Христијан Мицкоски тврдеше дека земјата е „фронтранер“ во исполнувањето на Реформската агенда.

Извештајот на известувачот Томас Вајц беше усвоен во АФЕТ со 43 гласа „за“, 17 „против“ и 13 „воздржани“. Европратениците ја потврдуваат поддршката за европската иднина на Македонија, но во истиот документ предупредуваат дека напредокот во реформите поврзани со ЕУ е недоволен, особено во областите што со години се сметаат за најслаба точка на државата.

Во извештајот се изразува жалење за недостигот на напредок од последниот извештај и се бара обновена политичка посветеност, меѓупартиска соработка и намалување на острата реторика. Европратениците укажуваат и на политичка поларизација, одложени клучни реформи и проблеми со институционални назначувања.

Најсилната критика се однесува на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Во документот се наведува загриженост дека корупцијата останува распространета во многу области, како и дека постои јаз меѓу најавените истраги и конечните пресуди во случаите на корупција на високо ниво.

Токму тука се судира европската оценка со тврдењето на Мицкоски. Премиерот, коментирајќи ги критиките дека рокот за реформи истекол, рече дека рокот не е 1 јуни, туку 30 јуни, и оцени дека таквите коментари доаѓаат од „политички аналфабети“. Тој тврдеше дека Македонија е прва во регионот во исполнувањето на Реформската агенда, пред Албанија и Црна Гора.

Мицкоски најави дека очекува најмалку 90 проценти од реформите што се во грејс-период или чиј рок завршува на крајот на јуни да бидат испорачани. Според неговата интерпретација, земјата веќе користи значаен дел од средствата како резултат на завршени реформи и испорачани чекори.

Но извештајот во АФЕТ ја отвора суштинската разлика меѓу владина самопроценка и европска политичка оценка. Дури и ако Владата тврди дека испорачува дел од чекорите во Реформската агенда, европратениците јасно нотираат дека поширокиот реформски напредок не е доволен, особено во областите што се клучни за членство во Европската Унија.

Во извештајот повторно се спомнуваат и уставните измени како неопходен чекор за отворање на првиот преговарачки кластер. Со тоа европската порака не се сведува само на технички реформи и рокови, туку и на политички обврски што Македонија сè уште не ги исполнила.

Македонија добива пофалба за целосното усогласување со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ. Но таа пофалба не ја брише главната критика: земјата останува со недоволен реформски напредок, силна политичка поларизација, проблеми во правосудството и незавршени обврски на европскиот пат.

Судирот меѓу изјавата на Мицкоски и извештајот за Македонија затоа не е само прашање на реторика. Тој покажува две различни приказни за истата земја: една владина, во која Македонија е „фронтранер“, и една европска, во која реформите сè уште не се доволни таму каде што најмногу се мери подготвеноста за членство.

Најчитано