Тектонскиот стрес долж раседните системи Сан Андреас и Сан Хасинто во Јужна Калифорнија достигнал нивоа што не биле забележани во последните 1.000 години, покажува нова научна студија. Истражувачите предупредуваат дека системот е во критично оптоварена состојба.
Меѓународниот истражувачки тим, предводен од Лилијан Буркхард од Универзитетот во Берн, анализирал околу еден милениум сеизмичка активност долж јужните делови на Сан Андреас и Сан Хасинто. Во истражувањето учествувале и научници од Универзитетот на Хаваи, Американскиот геолошки институт и Институтот за океанографија „Скрипс“.
Научниците развиле четиридимензионален физички модел со кој го симулирале натрупувањето и ослободувањето на тектонскиот стрес низ вековите. Моделот бил заснован врз геолошки податоци, радиојаглеродно датирање, промени забележани во прстените на дрвјата и историски записи за поместувања на земјиштето. Доколку податоците се покажат како валидни како можно предупредување за катастрофален земјотрес, кој се бележи еднаш во 1000 години.
Резултатите покажале дека на делот Сан Хасинто–Бернардино моментално е моделиран стрес од 3,6 мегапаскали, што е највисоката вредност забележана во илјадагодишната симулација. На соседниот јужен дел на раседот Сан Андреас, познат како Мохаве Саут, стресот е проценет на 2,8 мегапаскали.
Особено внимание научниците посветиле на превојот Кахон, североисточно од Лос Анџелес, каде што се приближуваат двата големи раседни системи. Истражувачите го опишуваат ова подрачје како „сеизмичка порта“, бидејќи може да одреди дали пукањето ќе остане ограничено на еден расед или ќе се прошири на двата система.
Историските податоци покажуваат различно однесување на оваа точка. При земјотресот кај Форт Тејон во 1857 година, со магнитуда од 7,9 степени, пукањето запрело кај Кахон и не го зафатило Сан Хасинто. Во 1812 година, пак, раседното пукање поминало низ превојот и ги поврзало двата система во еден настан.
Според истражувачите, загрижувачки е што високите нивоа на стрес на двата раседа сега се релативно усогласени. Во претходните периоди, слична состојба им претходела на земјотреси во кои пукањето се ширело од еден расед кон друг.
Заедничко пукање на Сан Андреас и Сан Хасинто би можело да има потешки последици од земјотрес ограничен на само еден расед. Потенцијално погоденото подрачје ги опфаќа поширокиот регион на Лос Анџелес, Сан Бернардино, Риверсајд и долината Коачела, каде што живеат милиони луѓе и се наоѓаат значајни патишта, железници и енергетска инфраструктура.
Сепак, Буркхард нагласува дека студијата не може да утврди кога ќе се случи следниот голем земјотрес. Современата сеизмологија може да ги проценува опасноста и можните сценарија, но не може прецизно да го предвиди денот, времето или магнитудата на конкретен настан.
Наодите, според научниците, треба да се користат за подобрување на процените на ризикот, планирањето на инфраструктурата и подготвеноста на службите за итни интервенции, а не како доказ дека катастрофален земјотрес е непосредно пред случување.
