Полската армија ќе стане најголема во Европа, Туск: Силата спречува војна

Фото: Nikolay Doychinov (EU2018BG)

Полската армија наскоро ќе биде најголема во Европа, најави премиерот Доналд Туск денеска, 15 август, на одбележувањето на Денот на полската армија во Гдиња. Пред воените бродови во Балтичкото Море, Туск порача дека Полска не сака нова војна, но дека мирот може да го зачува само држава која е силна, подготвена и способна самостојно да ги брани своите граници.

Изјавата доаѓа во период кога Варшава спроведува една од најголемите воени модернизации во Европа. Полската влада не планира само ново вооружување, туку и драматично зголемување на бројот на луѓе кои би можеле да бидат ставени во функција на одбраната.

Планот наречен „Армија 500 илјади“ предвидува околу 300.000 професионални припадници и членови на силите за територијална одбрана, како и дополнителни 200.000 припадници на резерва со висока готовност. Целта на Варшава е системот постепено да биде изграден до крајот на деценијата.

„Нашата армија, нашите вооружени сили, наскоро ќе бидат најголеми во Европа“, порача Туск во Гдиња, додавајќи дека Полска веќе создава модерна и бројна сила која треба да има клучно значење за безбедноста на целиот регион.

Зад ваквата реторика стојат и рекордни воени расходи. За 2026 година Полска предвиде околу 200,1 милијарда злоти за одбраната, што е околу 4,81 проценти од бруто домашниот производ. Со тоа земјата останува меѓу членките на НАТО кои издвојуваат најголем дел од својата економија за одбрана.

Варшава истовремено купува големи количества современо вооружување. Само договорот за 96 американски борбени хеликоптери Apache AH 64E е вреден околу 10,8 милијарди долари. Полска со тоа треба да стане втор најголем корисник на овие хеликоптери по Соединетите Американски Држави.

Пред само неколку дена Туск во Лоѓ најави и создавање на најголемиот европски сервисен центар за Apache. Според полската влада, центарот ќе може да ги одржува сите 96 хеликоптери што ги нарачала земјата, а договорот треба да донесе и трансфер на технологија и нови работни места во домашната воена индустрија.

Полската стратегија не се ограничува на оружјето. Голем дел од инвестициите се насочени кон источната граница со Белорусија и Русија, каде Варшава го развива проектот „Источен штит“, систем на утврдувања, инфраструктура и други мерки за зајакнување на одбраната.

Туск денеска порача дека Полска не се вооружува поради политички амбиции, туку поради безбедносната средина создадена со руската војна против Украина и позицијата на Полска на источниот раб на НАТО и Европската Унија. Според него, токму силната војска треба да биде еден од инструментите со кои земјата ќе избегне директен воен судир.

На одбележувањето во Гдиња учествуваа околу 20 полски и сојузнички воени бродови, а над Балтикот прелетаа авиони на полските и сојузничките сили. Настанот беше дел од прославата на Денот на полската армија, кој се одбележува на 15 август.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?