*Шанкуре, дијалектен израз од прилепско-битолскиот регион. Означува фраер во обид,. Лице кое се замислува и однесува над сопствените капацитети. Гласен без идеја зошто е гласен, често агресивен но најчесто наивен. Може да се користи и како глагол: Доста шанкуруваш, разговорно доста глумиш големина а не знаеш кај тераш.
Леон БАКРАЧЕСКИ
Европскиот парламент го усвои новиот извештај за Македонија, но во документот останаа повиците за спроведување на Вториот протокол со Бугарија, работата на Историската комисија и формулацијата за „заедничка историја“.
Оти најголемата партија во Европскиот парламент на која припаѓа ВМРО-ДПМНЕ, не успеа да му помогне на Вајц? Пак ќе се правиме недоветни? Дома силни, надвор, со мјау, мјау однос?!
Шанкуре менталитет обично верува во провербијалната: „bonus penis, pax in domus“ разговорно латински: “голем пенис, мир дома“, или уште поразговорно, фали се дома, надвор мјаукај.
Па, „јбг“ те мразат и тоа историски (секој со своите комплекси), не е твоја работа да глумиш дека си од небо паднат! Оди наоѓај, моли, коли, што сакаш прави. Заслужи ја платата! Доста се мафташ наваму натаму!
Извештајот е политички документ, а не нов услов за членство
Резолуцијата на Европскиот парламент има политичка тежина, но не ја менува преговарачката рамка, не отвора ново поглавје со историски услови и не воведува дополнителна формална обврска за Македонија.
Европскиот парламент може да испрати политичка порака, да повика на спроведување на договорите и да даде оценка за напредокот на земјата. Но одлуките за отворање и затворање на кластерите ги носи Советот на Европската Унија врз основа на проценките на Европската комисија.
Задржувањето на спорниот став за заедничката историја, сепак, не треба да се потценува. Тоа покажува дека Бугарија успеала дел од сопствениот наратив да го внесе во европски политички документ.
Но тоа не значи дека Европската Унија ја прогласила бугарската историска интерпретација за европска вистина.
Не значи дека Македонија треба да оди во Софија и повторно да преговара за целиот пакет.
И не значи дека работата на Историската комисија станала замена за реформите и усогласувањето со европското законодавство.
Основата на процесот и натаму се Копенхашките критериуми, владеењето на правото, независното судство, функционалната администрација, економската подготвеност и способноста на државата да го применува европското право.
Историјата може да остане политички товар. Но не смее да стане бесконечна паралелна преговарачка рамка.
Бугарија го прифати европскиот договор
Со европскиот компромис од јули 2022 година, Бугарија го тргна тогашното вето и ја прифати заедничката позиција на Европската Унија.
Софија со тоа не се откажа од своите историски ставови. Не се откажа ниту од барањето за спроведување на Договорот за добрососедство и протоколите. Но прифати тие прашања да се третираат во веќе договорена европска рамка.
Тоа е суштинската политичка обврска на Бугарија.
Бугарските европратеници и претставници и самите во повеќе наврати нагласуваат дека нема дополнителни билатерални услови надвор од оние што веќе се содржани во европскиот консензус и во преговарачката рамка.
Со други зборови, Софија денес не може истовремено да тврди дека договорот од 2022 година е конечен и дека по неговото исполнување ќе отвори сосема нов список барања.
Таквиот потег би значел дека Бугарија не ја блокира само Македонија, туку го поништува компромисот што самата го прифатила со останатите 26 земји членки.
Тогаш проблемот повеќе не би бил меѓу Скопје и Софија.
Тоа би бил проблем меѓу Бугарија и Европската Унија.
По уставните измени не е предвидено ново политичко договарање
Советот на Европската Унија во последните заклучоци повторно потврди дека е подготвен да ја свика следната меѓувладина конференција веднаш по усвојувањето на уставните измени.
Во документот е употребена особено важна формулација: без дополнително одложување и без нова политичка одлука.
Тоа значи дека откако Македонија ќе ја исполни преземената обврска за внесување на Бугарите и другите наведени заедници во Уставот, не треба повторно да се отвора политички пазар за тоа дали првиот кластер ќе биде отворен.
Следниот чекор веќе е договорен.
Токму затоа македонската политика треба да престане да се однесува како земјата повторно да треба да добие дозвола од Софија.
Потребно е да се бара конкретна и јавна потврда од Европскиот совет, Европската комисија и клучните земји членки дека по уставните измени ќе се примени она што веќе е запишано.
Не нов договор со Бугарија.
Не нов протокол.
Не нова историска декларација.
Туку спроведување на европската преговарачка рамка.
Може ли Бугарија повторно да блокира?
Формално, одлуките во голем дел од пристапниот процес се носат едногласно. Тоа значи дека секоја земја членка, вклучително и Бугарија, има можност да го запре донесувањето одлука.
Затоа не може чесно да се тврди дека ново вето е правно невозможно.
Но политичкиот контекст по исполнувањето на уставната обврска би бил суштински различен.
Доколку Македонија го исполни договорениот услов, а Бугарија потоа постави ново барање што го нема во преговарачката рамка, товарот на докажувањето веќе нема да биде врз Скопје.
Софија ќе мора да објасни пред останатите земји членки зошто го блокира спроведувањето на европски договор што и самата го прифатила.
Европската комисија ќе мора да каже дали новото барање е дел од европското право и договорените критериуми или е нов билатерален услов.
Советот ќе мора да одлучи дали ќе дозволи една членка бесконечно да го менува договорениот пакет.
Тогаш Бугарија навистина ќе си ја натовари Европската Унија на врат.
Не затоа што ЕУ автоматски ќе ја казни, туку затоа што секоја нова блокада ќе ја претвори во директен тест за кредибилитетот на целиот европски процес.
Кирилицата покажа дека и Европа има црвени линии
Важен сигнал дојде и со спорот околу предлогот за бугарска комеморативна монета од две евра.
Бугарија предложи монета посветена на кирилицата, но со формулација што ја претставува како „бугарска азбука“. Во постапката беше поднесен приговор од земја членка на Европската Унија, по што проектот беше запрен во чувствителната процедура на одобрување.
Советот на ЕУ не го објави идентитетот на земјата што се спротивставила, ниту официјално потврди дека единствената причина е формулацијата за бугарската азбука.
Затоа не може да се каже дека Унијата донела конечна пресуда за историското потекло на кирилицата.
Но пораката е силна.
Европската Унија не е подготвена автоматски да прифати национална формулација со која заедничко словенско и европско културно наследство се прогласува за исклучива сопственост на една држава.
Тоа покажува дека бугарските позиции не стануваат европски факти само затоа што Бугарија е членка на ЕУ.
Кога некоја национална интерпретација ги засега историјата и културното наследство и на други европски народи, постојат механизми преку кои таа може да биде оспорена.
Овој пример е важен и за Македонија.
Тој покажува дека најдобрата одбрана на македонската позиција не е бескрајното останување надвор од процесот, туку силното дипломатско присуство во европските институции, градењето коалиции и прецизното разграничување меѓу европските услови и националните историски претензии.
Што сега?
Македонија треба да ја врати европската интеграција таму каде што припаѓа – во Брисел.
Тоа значи дека Владата треба да бара јасна европска патоказна линија за денот по уставните измени. Не општи уверувања дека иднината на земјата е во ЕУ, туку конкретна постапка, рокови и преземена политичка одговорност.
Потребно е да се утврди дека секое идно барање мора да биде доставено писмено и да биде оценето од Европската комисија.
Дали произлегува од европското законодавство?
Дали е дел од преговарачката рамка?
Дали е веќе содржано во договорените обврски?
Или станува збор за нов билатерален услов што една земја членка се обидува да го внесе во процесот?
Македонија не смее повторно да влегува во затворени билатерални преговори во кои постојано ќе докажува дека има право на сопствен јазик, историја и идентитет.
Договорите мора да се исполнуваат, но нивното исполнување мора да се оценува во европска институционална постапка, а не според дневните политички потреби во Софија.
Истовремено, земјата мора да ги спроведува реформите.
Не затоа што Бугарија го бара тоа, туку затоа што македонските граѓани имаат право на функционално судство, одговорна администрација, борба против корупцијата и институции што не зависат од партиски наредби.
Најсилната македонска позиција ќе биде изградена кога државата ќе го исполни договореното, ќе ги спроведе реформите и ќе ѝ каже на Европската Унија:
Ние го завршивме нашиот дел. Сега вие спроведете го вашиот.
