Зголеменото производство од обновливи извори може дополнително да ја намали пазарната цена на електричната енергија, која во одредени периоди веќе паѓа и до нула, но последниот збор за приклучувањето на новите електрани ќе го има МЕПСО, изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.
Таа посочи дека интересот за изградба на фотоволтаици, ветерни електрани и батериски системи продолжува да расте, но дека бројот на најавени инвестиции мора да се усогласи со реалните можности на електропреносната мрежа.
За годинава Министерството за енергетика дало зелено светло за проекти со вкупен планиран капацитет од околу четири гигавати, како и за батериски системи со инсталирана моќност од два гигавати. За 2027 година веќе се доставени повеќе од 700 нови иницијативи за изградба на капацитети од обновливи извори.
Божиновска објасни дека за проектите кои веќе се внесени во плановите за изградба, МЕПСО треба да подготви варијанта за приклучување на преносната мрежа. Инвеститорите потоа треба да се изјаснат дали понуденото решение и трошоците им одговараат, по што операторот ќе одлучува дали ќе издаде одобрение.
Според неа, можно е дел од планираните електрани да не добијат приклучок доколку техничките услови на мрежата не дозволуваат нивно безбедно вклучување.
Брзото зголемување на производството од сонце и ветер веќе подолг период отвора прашања за капацитетот и стабилноста на македонскиот електроенергетски систем. Енергетските експерти предупредуваат дека изградбата на нови производствени капацитети се одвива побрзо од модернизацијата и проширувањето на преносната мрежа.
Според податоците што ги презентираше министерката, 58 проценти од вкупните инсталирани производствени капацитети во земјава веќе се од обновливи извори, што е над европската цел од 50 проценти.
Поголемото производство од обновливи извори, како што посочи Божиновска, ја намалува цената на електричната енергија на берзите. Во периодите кога има високо производство од сонце и ветер, а потрошувачката е ниска, пазарната цена може да падне и до нула.
Тоа, сепак, не значи дека домаќинствата ќе добиваат електрична енергија бесплатно. Крајната цена на сметките зависи од повеќе ставки, меѓу кои набавната цена, трошоците за пренос и дистрибуција, регулираните тарифи и одлуките на Регулаторната комисија за енергетика.
Божиновска очекува зголеменото производство од обновливи извори да помогне во одржувањето или намалувањето на цените и од 2027 година, кога државните електрани повеќе нема да бидат обврзани целосно да ги покриваат потребите на регулираниот пазар.
Од јануари 2027 година ЕСМ треба да обезбедува 70 проценти од електричната енергија потребна за домаќинствата, наместо сегашното целосно покривање. Остатокот ќе се набавува од други извори и од пазарот.
Министерката оцени дека ниските пазарни цени отвораат простор и за преиспитување на системот со блок-тарифи. Таа нагласи дека конечната одлука за тарифниот модел ја носи Регулаторната комисија за енергетика, но дека Министерството ќе поддржи решение што би значело пониска цена за граѓаните.
Блок-тарифите беа воведени во период кога цената на електричната енергија на европските пазари достигнуваше од 700 до 800 евра за мегават-час. Денес, во одредени часови со високо производство од обновливи извори, берзанската цена се спушта до нула.
