Македонските војници имаат клучна улога во одбраната на Источното крило на НАТО и рамноправно служат со припадниците на најголемите сојузнички армии, оцени врховниот командант на Сојузничките сили за Европа, генерал Алексус Г. Гринкевич.
За време на посетата на касарната „Илинден“ во Скопје, Гринкевич порача дека Македонија е цврст, кредибилен и ценет сојузник кој конкретно придонесува за колективната безбедност на Алијансата.

Македонски војници се распоредени во составот на мултинационалните сили на НАТО во Бугарија, Летонија и Романија, каде што учествуваат во одвраќањето на можни закани и во одбраната на источниот дел од територијата на Алијансата. Според Гринкевич, нивната улога е клучна за одржување на кредибилната одбранбена поставеност на НАТО.
Врховниот командант присуствуваше на тактичка вежба во касарната „Илинден“, на која македонските војници ги демонстрираа својата обученост, координацијата меѓу единиците и способноста за дејствување според процедурите на Алијансата.

Пораката од посетата е дека придонесот на Македонија во НАТО повеќе не се мери само преку членството и политичката поддршка, туку и преку војници распоредени на терен, современа опрема и единици подготвени да бидат дел од заедничките одбранбени планови.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, информираше дека повеќе од 180 припадници на македонската Армија се ангажирани долж Источното крило на НАТО.
Покрај нивниот ангажман во Бугарија, Летонија и Романија, македонски војници учествуваат и во мисијата КФОР во Косово и операцијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина. Македонија повеќе од две и пол децении дава поддршка за стабилноста во Косово, кое НАТО го смета за подрачје од особено значење за безбедноста на Западен Балкан.
Гринкевич оцени дека Западен Балкан останува стратешки важен регион за Алијансата и најави постепено приспособување на бројноста и распоредот на силите во КФОР, во согласност со процените на безбедносната состојба.
Македонија придонесува и во поддршката за Украина, меѓу другото преку учество во НАТО-командата за обука и безбедносна помош во Висбаден и во иницијативите за обезбедување воена помош.
Посетата на Гринкевич доаѓа во период кога македонската Армија минува низ забрзан процес на модернизација. Во вооружувањето се воведуваат лесни оклопни возила JLTV, транспортери „Страјкер“, артилериски системи „Боран“ и противвоздушни системи „Мистрал-3“, а најавена е и набавка на нови хеликоптери.

Лафчиски оцени дека Армијата е високо обучена, модернизирана и способна да ги исполни стандардите на НАТО. Како доказ ги посочи проверките и сертификацијата на лесната пешадиска баталјонска група во рамки на вежбата „Блесок 26“, како и оценувањето на единиците за специјални операции.
Според него, позицијата на Македонија е важна и поради транспортните коридори што минуваат низ земјата. Во услови на криза, тие се значајни за брзо движење на сили и опрема, снабдување и создавање стратешка длабочина за операциите на Алијансата.
Гринкевич се осврна и на трошоците за одбраната, наведувајќи дека Македонија издвојува околу 4 проценти од БДП за одбранбени и сродни безбедносни потреби.
Овој процент не се однесува исклучиво на буџетот на Армијата. Новата НАТО-обврска предвидува членките до 2035 година да издвојуваат најмалку 3,5 проценти од БДП за основните воени потреби и до 1,5 процент за критична инфраструктура, цивилна подготвеност, сајбер-заштита, отпорност и развој на одбранбената индустрија.
За мала држава со ограничени човечки и финансиски ресурси, оценката на врховниот командант на НАТО претставува силно признание за македонските војници. Нивното присуство во мултинационалните единици покажува дека Армијата не е само формален дел од Алијансата, туку активен учесник во нејзината најважна задача – одбраната на сојузничката територија.
