Белгиската Федерална агенција за лекови и здравствени производи истражува дали донатор на сперма од холандскиот регион Гронинген, за кој се верува дека е татко на повеќе од 100 деца, има деца и во Белгија, објави „Бруселс тајмс“.
Белгиските медиуми моментално известуваат за шест деца.
Истрагата започна серија откритија во холандската новинарска емисија „Nieuwsûr“. Холандската фондација за деца зачнати од донатори соопшти дека е во контакт со група холандски мајки чии деца се зачнати со сперма од еден донатор. Станува збор за вкупно 121 дете.
Претседателот на фондацијата, Тијс ван дер Мер, рече дека случајот почнал да се расплетува во март, кога две мајки се обратиле до организацијата. Според него, многу е веројатно дека мажот за кого станува збор станал татко на уште повеќе деца.
Публикациите „Медиахуис“ објавија дека донаторот ѝ рекол на една од мајките дека „им помогнал“ на шест семејства во Белгија.
Белгиската агенција за лекови на 29 август објави дека проверува дали мажот донирал сперма преку белгиските клиники за репродуктивна медицина или преку неофицијални канали, како што е пракса во Холандија.
„За случајот дознавме од објавувањето во медиумите. Сега бараме сите официјални информации од холандските власти“, изјави портпаролката на агенцијата Ан Ехаут. Врз основа на достапните публикации, случајот вклучува измама, истакна таа.
Ван дер Меер рече дека осомниченото лице е донатор на сперма повеќе од 15 години и сè уште продолжува да донира. „Niuvsûr“ објави дека има 43 години.
Мажот донирал сперма преку клиниките, но многу мајки го контактирале и преку интернет. Фондацијата тврди дека само преку банките за сперма станал татко на повеќе деца отколку што дозволуваат утврдените правила.
Организацијата, исто така, објави дека истото лице понудило да ѝ помогне на жена да забремени преку сексуален однос.
Фондацијата тврди дека донаторот ги излажал идните мајки за бројот на деца што веќе ги имал.
Ван дер Меер рече дека не знае дали групата мајки има намера да преземе правни мерки.

