„Младите не сакаат да бегаат – младите сакаат да живеат.“
Со овие девет зборови, средношколката Сара Јованова ја сумираше една од најголемите кризи со кои се соочува Македонија – иселувањето на младите. Нејзиниот говор на тема „одливот на младите“, со кој го освои првото место на ораторскиот натпревар „Гарда на мудроста 2025/26“, не е само победнички настап, туку силно сведоштво за чувствата на генерацијата која сè почесто својата иднина ја бара надвор од државата.
Во разговорот со неа објавен на Факултети.мк, Јованова вели дека иселувањето не е економска категорија, туку последица на длабоко изгубеното достоинство.
„Сфатив дека иселувањето не е миграција во потрага по подобра плата, туку класичен системски прогон. Пред да навлезам подлабоко во ова, мислев дека младите си одат едноставно за подобар живот. Но, вистината е многу посурова: тие бегаат од понижувањето“, вели таа.
Во нејзините зборови нема романтизирање на заминувањето, ниту осуда кон оние што остануваат. Напротив, таа ја лоцира причината таму каде што, според неа, најмалку се бара во системот што ги оттурнува младите.
„Најболното сознание беше дека нашата држава не ги губи младите затоа што тие не ја сакаат, туку затоа што системот ги тера да бидат странци во сопствената татковина. Сфатив дека куферите не се пакуваат од желба, туку од скршена надеж“, порачува Јованова.
Токму затоа нејзиниот говор не е приказна за економска миграција, туку за изгубената доверба во институциите, правдата и можноста млад човек да успее без партиска книшка, врски или привилегии.
Јованова вели дека секој свој говор го гради околу она што го нарекува „живата рана на проблемот“, а не околу статистики и политички флоскули.
„Не ме интересираат суви статистики и политички флоскули. Јас ја барам живата рана на проблемот. Кога зборувам за иселување, јас зборувам за празните домови и скршените мајчини срца“, вели младата ораторка.
Нејзината цел, додава, не е да предизвика аплауз, туку немир кај публиката.
„Аплаузот на согласување е евтин и краткотраен. Сакам да ја натерам публиката да размислува, да се запраша, па дури и да почувствува бес кон неправдата. Ако некој си замине од мојот говор со прашањето „Што преземам јас од утре?“, тогаш мојот збор веќе станал дело“, вели Јованова.
Нејзината завршна порака е истовремено и порака до институциите и до нејзините врсници.
„Младите не сакаат да бегаат – младите сакаат да живеат. Во тие девет збора е содржан целиот наш крик. Ние не бараме луксуз, ниту чуда, бараме елементарно достоинство да создаваме иднина таму каде што ни се корените“, порачува Сара Јованова.
Во време кога иселувањето најчесто се сведува на бројки и демографски анализи, говорот на оваа млада девојка потсетува дека зад секоја статистика стои нечие семејство, празен дом и млад човек кој не заминува затоа што не ја сака својата земја, туку затоа што престанал да верува дека во неа може достоинствено да ја гради својата иднина.
