Ниту една детска вакцина во 2025 година не достигнала опфат од 95 отсто

Ниту една вакцина од редовниот календар во 2025 година во Северна Македонија не го достигнала посакуваниот опфат од 95 отсто, покажуваат податоците презентирани од Институтот за јавно здравје. Најнизок бил опфатот со ХПВ вакцината, со 51 отсто, додека кај МРП вакцината, која штити од сипаници, рубеола и заразни заушки, биле опфатени само 62 отсто од предвидените лица. 

Епидемиологот од Институтот за јавно здравје, Драган Кочински, на денешната прес конференција предупреди дека ниту една од вакцините од редовниот календар за 2025 година не го достигнала нивото потребно за создавање колективен имунитет на национално ниво.

Кај вакцината против хепатитис Б опфатот изнесувал 77 отсто, кај вакцината против хемофилус инфлуенца 78 отсто, а кај ДТП вакцината 79 отсто. Сличен опфат од 79 отсто бил регистриран и кај вакцината против полиомиелитис. 

Особено загрижувачки е податокот за МРП вакцината, со која се спречуваат сипаници, рубеола и заразни заушки. Опфатот со оваа вакцина во 2025 година бил 62 отсто, што е значително под нивото од 95 отсто што се смета за потребно за да се обезбеди доволна заштита на населението.

Уште понизок бил опфатот со ХПВ вакцината, кој изнесувал 51 отсто. Кај ротавирусната вакцина опфатот бил 64 отсто, додека кај пневмококната вакцина бил 80 отсто. Според Кочински, сите овие показатели се недоволни за создавање колективен имунитет на национално ниво. 

Податоците доаѓаат во период кога во земјава и регионот повторно се регистрираат случаи на заразни заболувања што можат да се спречат со вакцинација. Во Загреб неодамна беа потврдени два случаи на морбили, а здравствените власти во регионот предупредуваат на ризик од ширење на болеста во средини со недоволен опфат со вакцинација.

Морбилите се особено заразно вирусно заболување, а нискиот опфат со МРП вакцината остава поголем број деца без соодветна заштита. Високиот и навремен опфат со вакцинација е важен и за заштита на оние кои поради возраста или здравствени причини не можат да бидат вакцинирани.

Кочински упати апел до родителите да ги вакцинираат децата, посочувајќи дека сегашните бројки не се доволни за воспоставување колективен имунитет. 

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?