Поскапувањето на суровините и електронските компоненти ќе донесе дополнителни трошоци од неколку милијарди евра за автомобилскиот гигант Стелантис и неговите добавувачи во 2027 и 2028 година, предупреди извршниот директор на компанијата Антонио Филоса.
Во обраќањето на годишното собрание на италијанското здружение на производители на автомобилски делови АНФИА во Милано, Филоса посочи дека индустријата се соочува со значителен раст на цените на суровините, мемориските чипови, печатените плочки и полупроводниците.
Според него, за Стелантис овие дополнителни трошоци се мерат во милијарди евра. Портпаролот на компанијата дополнително појасни за агенцијата Ројтерс дека извршниот директор се осврнал на вкупната годишна трошковна основа на групацијата, која изнесува повеќе милијарди евра.
Мултинационалниот производител веќе се соочува со сериозни тешкотии во снабдувањето со електронски делови. Поради недостиг на компоненти, Стелантис привремено го запре производството на моделот Фиат 500 во фабриката Мирафјори во Торино до крајот на следната недела.
Од компанијата предупредија дека недостигот на клучни делови за управувачките единици на моторите би можел да предизвика застои во производството на одредени модели во Италија до крајот на оваа година.
Како одговор на зголемените влезни трошоци, Филоса ја истакна потребата од зајакнување на конкурентноста со поддршка од италијанските и европските институции. Тој побара мерки за намалување на цените на енергијата и прилагодување на индустриските прописи, вклучувајќи ги и регулативите за емисија на јаглерод диоксид.

