Тринаесетгодишно дете е во исклучително тешка здравствена состојба откако било избодено со нож за време на тепачка на улицата „Македонско косовска бригада“ во скопската населба Чаир. Во инцидентот учествувале пет лица, од кои четворица се малолетници и едно е полнолетно лице, а полицијата го расчистува случајот.
Според информации од Министерството за внатрешни работи што ги пренесува Телма, во тепачката биле употребени ножеви и безбол палки. Повреденото дете по инцидентот било пренесено на лекување во скопските клиники, каде што лекарите ја оцениле неговата состојба како исклучително тешка.
Еден од малолетниците, роден во 2012 година, признал дека користел нож. Сепак, допрва треба да се утврди со целосното форензичко вештачење дали токму со тој нож му биле нанесени тешките повреди на тринаесетгодишното дете.
Неговиот брат, роден во 2007 година, засега одбива да даде исказ за настанот. Полицијата работи на утврдување на точните околности на тепачката и на улогата на секој од петтемина учесници.
Според досегашните информации, надлежните преземаат активности за поднесување кривична пријава за обид за убиство. Сепак, конечната правна квалификација на делото ќе ја утврди надлежното обвинителство по завршувањето на потребните проверки и прибирањето на доказите.

