Професор Хаџи Јанев: НАТО се враќа на колективната одбрана, Македонија мора да најде своја ниша во новите технологии

НАТО политички препозна дека безбедносната средина е значително променета и излегува од наративот на кризен менаџмент, прифаќајќи дека се наоѓа во постојана стратешка компетитивност со сериозни актери, истакна универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев во своето гостување во „Тема на денот“ на Сител Телевизија.

Анализирајќи ги заклучоците од неодамнешниот самит на Алијансата, тој потенцираше дека фокусот веќе не е на експедициските операции, туку на колективната одбрана, која е и основата на НАТО. Според него, клучното преструктуирање е ставено на инвестициите во одбраната, при што традиционалното оружје повеќе не е единствен приоритет. „Приоритетите на НАТО веќе не се само авиони, тенкови и бродови, туку трите топ приоритети се дронови, вештачка интелигенција и дата центри“, нагласи Хаџи Јанев.

Влијанието на САД и промената на глобалните закани

Осврнувајќи се на реториката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, професорот појасни дека иако неговите изјави често биле интерпретирани во насока на популизам, Трамп всушност „го забрза процесот на политичкото созревање за тоа дека треба да се вложува повеќе во одбраната“. Денес, САД сè повеќе се фокусираат кон Пацификот каде имаат сериозен геостратешки интерес и се соочуваат со конкуренти кои ги експлоатираат слабостите на западниот отворен концепт преку хибридни закани, индустриска шпионажа, сајбер напади и манипулација со информации.

Во однос на безбедноста на Европа и војната во Украина, Хаџи Јанев смета дека опасноста од конфликт од големи размери кој би се прелеал на територијата на НАТО е многу мала. Сепак, тој предупредува дека растат опасностите од хибридни закани, саботажи и експлоатација на економскиот и едукативниот сектор за шпионажа, кои денес имаат директна државна поддршка.

„Западот ќе треба да го реши проблемот со операционализација на испораката на поддршката за Украина“, посочи професорот, додавајќи дека постојат сериозни логистички и административни бариери, поради што одредени команданти бараат воведување на условен „НАТО Шенген“ за побрз транспорт на опремата. Дополнителен предизвик претставува и корупцијата, односно нелегалниот профит на поединци и алчноста на приватните компании вклучени во процесот.

Каде е Македонија во новата безбедносна архитектура?

Запрашан за улогата на Македонија како членка на Алијансата, Хаџи Јанев истакна дека државата мора да излезе од матрицата на барање само класично оружје и да ја препознае својата „ниша“ (niche) во рамки на новите приоритети – вештачката интелигенција, дроновите и дата центрите.

„Тоа ќе значи политичка одлука дали ние ќе се пренасочиме“, вели тој, додавајќи дека државата ќе мора да ги смени политиките, да биде гарант во јавно-приватни партнерства и да ги надмине основните бариери со кои се соочуваат стартапите, како што е недостапноста на меѓународни системи за наплата како PayPal. Основата за ваков развој, според него, лежи во суштинска трансформација на образованието кое нема да се занимава со „ситни дневнополитички работи“, туку ќе создава кадар препознатлив во НАТО.

Модерната одбрана веќе не е само војската, туку целото општество. Македонската армија по пет години, според професорот, треба да биде опремена со технологии за дронови и контрадронови, но тоа не значи дека класичното оружје станува минато. „Наивно е ако верувате дека тенковите и артилеријата нема да бидат потребни. Кога ќе пукне првата пушка, огнената моќ доаѓа до израз“, заклучи Хаџи Јанев, повикувајќи на долгорочно планирање и резилиентност по 30 години девастација на системот

Најчитано