Образовните асистенти, невидливите и неподдржани херои на училниците

асистенти
Образовен асистент работи со ученик во ООУ „Ванчо Прке“ – Делчево / Фото: Р.Л.

Пет години откако образовните асистенти станаа дел од македонските училници, тие се препознаваат како една од најважните алки во инклузивното образование. Денес повеќе од 1.300 асистенти им помагаат на учениците со атипичен развој да ја следат наставата и да ги надминат бариерите што со години ги држеа на маргините на образовниот систем. Но, зад позитивните приказни за напредок и прифаќање, стојат и многубројни предизвици – недостиг на кадар, несигурен работен статус, недоволни обуки и растечки потреби во училиштата.

Авторки: Родне Деолска* и Викторија Димитрова-Јованова**

Верица М. веќе трета година работи како образовен асистент во едно од училиштата во Брегалничкиот Регион. Пред една година работела со ученичка, која го завршила основното образование, а сега работи со друг ученик со атипичен развој во истата деветолетка.

Завршила Педагошки факултет, отсек одделенска настава. Желбата и љубовта кон професијата биле водилки за да ги помине обуките и да стане образовен асистент.

„Сакам да им помогнам. На почетокот се плашев како ќе се снајдам, дали ќе ме прифати ученикот со кого секојдневно ќе работам. Но, со искуството во изминатите три години, се покажа дека овие стравови биле непотребни. Досега имам работено со ученици што немаат поголеми тешкотии во учењето. Од колегите слушам дека имаат ученици што потешко се вклучуваат во образовниот процес. Јас таков проблем немам и со мојот ученик навистина добро функционирам“, вели Верица.

Образовните асистенти не се замена за наставникот туку негови соработници за подобрување на процесот на учење на одреден ученик. Тие треба да им помагаат на децата со атипичен развој, кои се запишуваат во редовните училишта и кои се соочуваат со тешкотии во следењето на наставата и со учењето со исто темпо како соучениците. Истовремено, асистентите како невработени лица треба да се стекнат со вештини што се бараат на пазарот на трудот.

Инклузијата во македонските основни училишта стана реалност за децата со атипичен развој откако со нив во училниците влегоа образовните асистенти.

За првпат во учебната 2020/2021 година, во согласност со Законот за основно образование, се предвиде услугата за образовна асистенција за учениците со атипичен развој преку ресурсните центри и работно ангажирање образовни асистенти.  Министерството за образование и наука тогаш одвои буџетски средства за 500 образовни асистенти за ученици со попреченост во основните редовни училишта, по препорака од стручните тела за функционална процена.

За учебната 2025/2026 година, бројот ангажирани образовни асистенти е 1 346 во основното и за првпат 130 во средните училишта, број што според Министерството за образование зависи од пријавените потреби во училиштата.

Во согласност со Законот за основно образование од 2019 година, посебните основни училишта се трансформираа во основни училишта со ресурсен центар, а посебните паралелки во Центри за поддршка на учењето, со цел обезбедување квалитетно образование за сите ученици со попреченост. Ресурсите што ги поседуваат овие училишта, заедно со експертизата и искуството на професионалците, се достапни да им ја понудат потребната помош и поддршка на учениците, на родителите и на наставниците.

Емпатија кон учениците, но и соработка со стручните служби

Верица забележува дека за да ги надмине сите проблеми и за да стекне ученикот доверба во неа, многу ѝ помогнале консултациите и знаењето на стручните служби, односно колешките што се психолози и дефектолози. Таа објаснува дека без соработка и помош од стручните служби, потешко оди процесот на поврзување на ученикот со наставникот.

Со првиот ученик работела по скратена наставна програма, а сега со вториот како образовен асистент му дава општа поддршка. На кој начин ќе работи, зависи од степенот на попреченоста на ученикот.

„Скратена наставна програма значи, на пример, ако неговите другарчиња треба да напишат десет реченици, мојот ученик треба да напише три реченици, бидејќи побавно пишува и чита. Си направив програма во консултација со наставничката и по неа работевме. А, пак, за предметна настава програмата се прави во консултација со професорите по конкретните предмети од шесто до деветто одделение. Со вториот мој ученик давам општа поддршка, односно со наставничката избираме што може да совлада и да научи. Не може сѐ да напише, кога треба да се чита, му се дава дел од текстот да прочита“, објаснува Верица.

И двајцата ученици со кои има работено биле прифатени од соучениците. Таа ја нагласува важноста на комуникацијата, но и емпатијата кон децата со атипичен развој за да успее нивната инклузија во образовниот процес.

Верица смета дека потребно е ресорното министерство да инвестира во инклузијата, преку набавка на лаптопи или таблети за овие ученици, бидејќи додека трае наставата во училницата, образовните асистенти и нивните ученици дел од содржините можат да ги совладуваат и со помош на дигиталните алатки. Нејзиното искуство, но и на другите образовани асистенти со кои разговаравме, покажува дека учениците со попреченост лесно се сосредоточуваат на содржините и на наставниот материјал што визуелно можат да ги гледаат на компјутер или на лаптоп.

Прашана зошто дел од образовните асистенти заминуваат и не продолжуваат со работа во училиштата, Верица смета дека причина е што некои не можат да се снајдат во целиот процес, но и тоа дека договорите што ги потпишуваат на определено работно време, за некои не се мотивирачки да останат да работат.

Кога врската се кине – резултатите се враќаат на нула

Марија Убавелска-Тодоровски речиси пет години работела како образовен асистент во Основното училиште „Ванчо Прке“ во Делчево.

По професија е информатичар, со доквалификување за педагогија, со што ги исполнувала тогашните критериуми за ангажман. Договорите ѝ биле на определено време од една година. Но, на последните два огласа во 2025 година е одбиена без образложение, иако во истото и во другите две училишта во Општина Делчево има потреба од асистенти.

Последниот ученик со кого работела бил со тешка форма на аутизам. Поради големата приврзаност на ученикот со неа, родителот и Марија пишувале мејлови и писма до сите надлежни, но одговор никогаш не добиле, ниту, пак, Марија добила нов договор иако ги исполнувала условите.

„Лицата што работеле како образовни асистенти, но не добиле продолжување на договорите, велат дека немањето континуитет во нивното работење има клучно влијание и врз самото дете, а поминатиот период на приспособување и постигнување резултати е вратен на нула, па треба повторно приспособување“, вели Убавелска Тодоровски.

Најбараната професионална класификација за образовен асистент е профилот на специјалниот едукатор и рехабилитатор (дефектолог), меѓутоа во недостиг на дипломирани специјални едукатори и рехабилитатори, во профилот на образовниот асистент се вклучуваат педагози, психолози, социјални работници, социолози и други сродни и стручни профили.

Марија Убавелска-Тодоровски

„За крајниот исток добивањето образовен асистент е навистина сложена постапка и асистент добива дете што навистина е потежок случај или дете што воопшто и не е во можност да ја следи наставата и да се вклучи. Ангажманот на образовниот асистент на определено е навистина лошо предвиден, секако дека секој се стреми кон тоа ученикот да се осамостои и да продолжи без образовен асистент. Но, секогаш има некој нов, кој и не е толку тежок случај, а сепак има потреба од образовна асистенција. На тој начин би се стимулирал и асистентот да се надградува и да напредува, а не да живее во неизвесност дали наредниот септември ќе биде повторно ангажиран“, вели Марија.

Потребата од асистенти расте

Случајот на Марија го делат повеќе асистенти од регионот, кои не сакаат јавно да зборуваат, но се согласни дека нивниот статус мора да се реши.

Потврда за тоа дека од година во година се зголемува бројот на деца – ученици што имаат потреба од асистенти во образовниот процес, се и податоците што ги добивме од општините од Источна Македонија. Во секоја од седумте општини бројките покажуваат зголемена потреба од асистенти поради зголемениот број деца што имаат потреба од нив. Според податоците добиени од основните и од средните училишта во шест општини (Делчево, Берово, Пехчево, Виница, Кочани и Штип), во секое од нив недостасуваат меѓу 2 и 10 асистенти.

Во однос на потребите на учениците со одредени попречености, во училиштата во Кочани во моментов се ангажирани 16 асистенти, а има потреба од уште најмалку 10. Во Делчево во тековната учебна година се ангажирани 12, а има потреба од уште 5. И во училиштата во Берово, Пехчево, Виница и во Штип се изјасниле дека имаат потреба од дополнително ангажирање асистенти.

https://w.soundcloud.com/player/?visual=false&url=https%3A%2F%2Fapi.soundcloud.com%2Ftracks%2F2351754320&show_artwork=true&maxheight=1000&maxwidth=1920&auto_play=false&buying=true&liking=true&download=true&sharing=true&show_comments=true&show_playcount=true&show_user=true&color

Според Пописот од 2021 година, во вкупното резидентно население бројот на лицата со попреченост изнесува 94 412 лица, од кои 55,3 % се жени. Бројките што укажуваат на ученици со попреченост вклучени во образовниот процес од 2015 до 2022 година се прикажани на следните графикони.

Патот до образовен асистент во училиштата

Постапката за да влезе еден асистент во образовниот процес, започнува со тоа што се конкурира на јавен повик објавен од Министерството за образование и наука (МОН), а се регрутираат преку Ресурсниот центар „Маца Овчарова“ – Велес, каде што се квалификуваат. Вообичаено е асистентите да бидат ангажирани во истите училишта во општината во која живеат.

Потоа, училиштата се обраќаат до МОН, од каде што ги распоредуваат асистентите. За да добие еден ученик образовен асистент, потребно е да има документација со која се потврдува неговата состојба, а која се утврдува и се издава во согласност со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ), која ја прават стручни тимови специјални едукатори и рехабилитатори. Поради обемната работа, оваа постапка може да трае и по неколку месеци.

„Секоја година даваме препораки до училиштата при распределбата на образовни асистенти, доколку е можно, да обезбедат континуитет во ангажманот на образовните асистенти во сите одделни случаи“, велат за „Локал Актив“ од Министерство за образование и наука.

„Поради тоа што се различни и потребите за образовни асистенти во секоја учебна година, овој тип кадар се ангажира на определено време, односно преку објава на конкурси од училиштата со ресурсни центри, бидејќи во минатото недостигаа образовни асистенти, МОН направи измена на нормативот, односно го прошири видот на кадар што може да биде ангажиран, и со добра претходна подготовка преку обука, да ги извршува задачите и обврските“, додаваат од Министерството.

Секој 1 септември е стрес

Зоран Мијалков од Штип е самохран родител на две малолетни деца со аутизам, истакнат хуманист и борец за правата на сите други лица. За неговата животна ситуација образовните асистенти се клучот за олеснување на образовниот процес за неговите деца.

Тој смета дека овие деца треба да имаат асистент и во основно и во средно образование, по можност тоа да е истиот, затоа што детето стекнува доверба и процесот на учење е полесен. На тој начин родителите добиваат сигурно решение за своите деца, а асистентите сигурност за работното место.

За него како родител секој 1 септември во годината е стресен, бидејќи, како што вели, се плаши дека Никола ќе остане без образовниот асистент, со кого е веќе неколку години наназад и има сериозен напредок во образовниот процес, но е и прифатен од другите деца соученици.

https://w.soundcloud.com/player/?visual=false&url=https%3A%2F%2Fapi.soundcloud.com%2Ftracks%2F2351758151&show_artwork=true&maxheight=1000&maxwidth=1920&auto_play=false&buying=true&liking=true&download=true&sharing=true&show_comments=true&show_playcount=true&show_user=true&color

„Син ми Никола е седмо одделение и веќе пет години работи со асистентка што искрено се надевам дека ќе продолжи да работи со него, затоа што многу добро се поврзаа. За повозрасниот син беше поинаку. Тогаш немаше асистенти, а јас немав финансии да обезбедам приватен, па за жал тој остана без образование. Од мое лично искуство, како татко на две аутистични деца, проблемите ги гледам, пред сѐ, во недоволната обука на асистентите и во неможноста да се снајдат во различни ситуации и нивниот работен однос што долгорочно не е решен. Доколку МОН сака да го спроведе инклузивното образование како што треба, мора да најде решение за овие работи“, заклучува Мијалков.

Тој додава дека образовните асистенти мора да имаат обуки и да знаат како да се справат и со одредена здравствена состојба на своите ученици.

„На пример, ако има ученик што добива епилептичен напад, образовниот асистент и наставникот во училницата мора да знаат како да реагираат и да го спасат детето сè додека не дојде Брзата помош. Имаше таков пример и добро е да се организираат такви обуки“, додава Мијалков.

Недостиг на кадар и услуги ја ограничува инклузијата

Сржта на инклузивното образование е соодветната континуирана и персонализирана поддршка на учениците со попреченост за обезбедување инклузивно и квалитетно образование, која е насочена кон зајакнување на професионалните компетенции на воспитно-образовниот и наставниот кадар за работа со деца и лица со попреченост“ – пишува во Национална стратегија за правата на лицата со попреченост (2023 – 2030).

Оваа стратегија во неколку приоритетни области го опфаќа прашањето за подобрување на инклузивното образование. Заклучокот што го дава овој документ е дека инклузијата во образовниот процес е ограничена поради недостиг на ресурси, кадар и поддржувачки услуги во средните училишта. Иако законските измени предвидуваат образовни медијатори, ресурсни центри, психосоцијална поддршка и индивидуализирани образовни планови, нивната примена е во почетна фаза.

Во таа насока Стратегијата предвидува мерки за зајакнување на вештините и на компетенциите на кадарот во предучилишните установи за работа со деца со попреченост, водење досие за секое дете со попреченост и негова транзиција од предучилишните установи во основното образование. Унапредување на знаењата и вештините на наставниците и на стручните соработници за работа со деца и ученици со посебни образовни потреби, се исто така предвидени цели.

Александар Николов од Делчево е дефектолог, кој повеќе од 20 години работи со ранливи категории граѓани и во моментот го води и првото социјално претпријатие во крајниот Источен Регион. Неговото видување е дека образовните асистенти може да дадат комплетна асистенција, но не и целосна стручна поддршка, бидејќи, според него, за да рефлектира правилна образовна, адаптирана или воспитна програма, асистентот (ако доаѓа од друга професија) мора да работи под супервизија на дефектолог/специјален едукатор.

Тој заклучува дека обуките за нив се сепак кратки и без практика, а ситуациите се индивидуални и различни.

Александар Николов, дефектолог

„Мој личен став е дека инклузивното образование во редовните училишта е принцип и право, но не одговара еднакво на сите деца во сите фази. Дел од децата имаат потреба од поинтензивна поддршка, не можат континуирано да го следат редовниот наставен процес, или имаат привремени регресии, емоционални и сензорни преоптоварувања, агресија, пубертет итн. Комбинација – да, инклузивно образование, ресурсен центар и дневен центар. Дневните и ресурсните центри не се алтернатива на школото, туку дополнителна поддршка, простор за стабилизација, рехабилитација и развој на функционални вештини, мост кон (ре)интеграција во образовниот процес“, дециден е Николов.

Седум пријави за дискриминација во инклузивното образование

Од почетокот на 2025 до март 2026 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) добила шест претставки од лица што се соочиле со дискриминација во однос на вклученоста во инклузивното образование.

Како што велат оттаму за „Локал Актив“, претставките се однесувале на ученици дискриминирани врз основа на попреченост и/или здравствена состојба. Дополнително, Комисијата по службена должност повела постапка за потенцијална дискриминација врз група ученици со комбинирани интелектуални попречености од страна на училиште во Скопје, како и од директор и вработен воспитувач во истото училиште.

Со тоа, вкупниот број предмети по кои постапувала или сè уште постапува Комисијата изнесува седум. Од овие предмети, во еден случај КСЗД утврдила индиректна дискриминација врз основа на попреченост во областа на образованието, сторена од основно училиште во Скопје кон ученик. Еден предмет бил отфрлен поради неуредност на поднесокот, а во друг случај постапката била запрена поради повлекување на претставката од страна на подносителот. Во два случаи не била утврдена дискриминација, додека другите два предмета сè уште се во тек.

Нотирани недостатоците, но и правецот за подобрување на инклузивноста

Во новата Стратегија за образование на МОН за 2026-2032 стои дека во согласност со анализите што ги направиле на Акцискиот план од претходната стратегија (2018 – 2025), постигнати се резултати во подобрување на инклузивноста (преку ангажирање образовни асистенти за ученици со попреченост во основното и во средното образование, обуки за инклузивно образование, ангажирање ромски образовни медијатори, обезбедување додаток за образование за семејства со ниски приходи).

Она што новата Стратегија го предвидува во делот на еднаков пристап до образование, се однесува, пред сѐ, на инфраструктурна и програмска инклузивност, вклучително и обезбедување пристапност за лицата со попреченост и нивно целосно вклучување во образовниот живот. Во предлог-стратегијата се споменува системско вградување на инклузивниот пристап во образовниот систем, со јасни стандарди, ресурси и индикатори за следење, понатаму јакнење на инклузивната култура и практика во воспитно-образовните институции, спроведување на стандардите за пристапност, примена на начелата на универзален дизајн, индивидуализирани образовни планови, соодветни педагошки и технолошки ресурси, како и вклучување стручни лица.

Стратегијата предвидува и развој на капацитетите на наставниот кадар и на стручните служби за примена на инклузивноста како и вклучување на семејствата и на заедницата во градењето инклузивна клима заснована на соработка и дијалог.

Образовните асистенти денес се еден од најважните столбови на инклузивното образование во Македонија. Нивната улога е особено значајна за учениците со попреченост, кои преку континуирана и персонализирана поддршка полесно се вклучуваат во наставниот процес, стекнуваат самодоверба и создаваат социјални врски со своите врсници. Сепак, искуствата на асистентите, на родителите и на стручните лица покажуваат дека системот и понатаму се соочува со сериозни предизвици, недоволен број асистенти, недостиг на практични обуки, несигурен работен статус и недоволна институционална поддршка.

И покрај направените законски и системски чекори, инклузивното образование сè уште е процес што бара постојани инвестиции, стручна поддршка и долгорочна стратегија. Зголемениот број ученици што имаат потреба од образовна асистенција, како и случаите на дискриминација нотирани од КСЗД, укажуваат дека инклузијата не смее да остане само законска обврска, туку мора да стане реална и одржлива практика во секое училиште. Континуитетот во ангажманот на образовните асистенти, нивната професионална надградба и поголемата поддршка за семејствата се клучни предуслови за создавање образование во кое секое дете ќе има еднаква можност да учи, да напредува и да биде прифатено.

* Родне Деолска е активистка во Регионален центар за застапување – Делчево

** Викторија Димитрова-Јованова е новинарка

Оваа содржина е создадена во рамките на проектот „Медиуми на заедницата за граѓански ангажман: Трансформирање на општествените барања во општествена акција“, кој го спроведува Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС од Скопје, со финансиска поддршка од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани во содржината не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторот.

Најчитано