„17“ на Косара Митиќ е македонскиот кандидат за Оскар

Долгометражниот игран филм „17“ на режисерката Косара Митиќ ќе ја претставува Македонија во трката за Оскар за најдобар меѓународен долгометражен филм на 99. издание на наградите на Американската филмска академија.

Одлуката ја донела Комисијата за избор на национален кандидат за Оскар при Друштвото на филмските работници на Македонија, во состав од седум филмски професионалци. Во конкуренција годинава биле два филма – „17“ на Косара Митиќ и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума.

„17“ е долгометражно деби на Митиќ и ја следи приказната за 17-годишната Сара, која за време на училишна екскурзија крие лична тајна. Откако станува сведок на сексуално насилство врз својата пријателка Лина, двете девојки се обидуваат да го прекинат кругот на насилство. Филмот е инспириран од вистински настан и се занимава со траумата, молкот и женската солидарност.

Филмот светската премиера ја имаше на 76. Берлински филмски фестивал во програмата „Perspectives“, наменета за дебитантски остварувања.

На неодамнешниот Сараевски филмски фестивал „17“ освои четири награди, меѓу кои „Срце на Сараево“ за најдобра актерка за Ева Костиќ, специјална награда за промовирање родова еднаквост, наградата Cineuropa и наградата од публиката за најдобар игран филм.

Според информациите објавени при изборот за македонски кандидат, филмот досега има освоено 11 меѓународни награди. Во актерската екипа се Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Даме Јовески, Ана Стојановска, Сашко Коцев, Оливер Митковски и други. Сценариото е на Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ, а филмот е продукција на „Црна Мачка Продукција“, со копродуценти од Србија и Словенија.

Изборот за национален кандидат не значи и номинација за Оскар. Филмот сега влегува во меѓународната конкуренција од која Американската академија ќе го формира потесниот избор. Кратката листа ќе биде објавена на 15 декември, а официјалните номинации на 21 јануари 2027 година.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?