Јаневска ги повика првачињата да побараат братче или сестриче

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ги повика првачињата, покрај знаење, да побараат и братче или сестриче, поврзувајќи ја пораката со падот на наталитетот и сè поголемиот број празни училишта во Македонија.

Изјавата ја даде при посетата на ООУ „Ацо Шопов“ во Бутел, на првиот ден од учебната 2026/2027 година.

„Ако продолжиме вака, ние постојано ќе затвораме училишта“, рече Јаневска, потсетувајќи дека пред неколку години биле изработени сликовници за учениците од прво до трето одделение со пораки поврзани со семејството.

Таа додаде дека првачињата, освен да стекнат знаење, можеби треба да побараат и братче или сестриче, со надеж дека дел од училиштата што денес се затвораат во иднина повторно ќе можат да бидат отворени.

Јаневска нагласи дека демографскиот проблем не може да се реши со една сликовница, наставен предмет или програма, туку дека станува збор за многу поширок предизвик. Според неа, потребно е населението да стане посвесно за значењето на човечкиот капитал и за последиците од долгорочното намалување на населението.

Новата учебна година веќе ја покажува тежината на демографскиот пад. Во прво одделение досега се запишани 14.952 ученици, а во целиот образовен систем има околу 238.000 ученици. Годинава има 433 паралелки помалку, од кои 222 во основното и 211 во средното образование.

Од септември привремено се затвораат уште 26 подрачни училишта поради недостиг на ученици. Вкупно 148 училишни објекти во Македонија се без ученици, претежно во руралните средини.

Падот се гледа и преку бројот на раѓања. Во 2025 година биле родени 15.850 деца, што е за 1,3 проценти помалку од претходната година, додека во 2020 година, кога се родени најголем дел од денешните првачиња, имало 19.013 новородени.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, исто така, го посочи демографскиот пад како главна причина за намалувањето на бројот на ученици и затворањето училишта, а како дополнителен фактор го наведе иселувањето.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?