Југо се враќа без покрив, покажана кабриолет верзија на легендарниот автомобил

Проектот за враќање на „Југо“ доби уште една, значително похрабра верзија. На официјалните канали на Yugo Automobile е објавена визуелизација на Yugo Cabrio, замислен како модерен кабриолет со четири странични врати, мек преклоплив покрив и повисока каросерија во кросовер стил. Сепак, автомобилот засега постои само како дигитална дизајнерска студија создадена со помош на вештачка интелигенција.

Новата визија доаѓа една година откако беше претставен концептот за мал хечбек со кој треба да се оживее некогаш еден од најпрепознатливите автомобилски брендови на поранешна Југославија. Зад проектот стојат германско-српскиот професор и претприемач Александар Бјелиќ и српскиот дизајнер Дарко Марчета, кои ги обезбедиле правата на името Yugo.

Новиот Cabrio значително се разликува од претходно прикажаните скици на кабриолет со две врати. Сега автомобилот има четири странични врати, четири седишта, поголемо растојание од подлогата, пластични заштити околу тркалата и браниците и мек покрив што се преклопува. Со тоа повеќе потсетува на комбинација од кабриолет и компактен кросовер.

Дизајнерите сепак задржале дел од елементите што треба да го создадат идентитетот на новото „Југо“, меѓу кои црните детали под предните светла и осветлената маска со големо лого „Y“. Во силуетата може да се препознаат и одредени асоцијации на оригиналниот Yugo Cabrio.

Од компанијата велат дека новиот автомобил треба да биде наменет за нова генерација и да комбинира модерна технологија со идејата за достапна мобилност. Претходните најави предвидуваа идниот сериски модел да може да се нуди со бензински и електрифицирани погонски системи, како и со рачен или автоматски менувач.

Но, враќањето на „Југо“ сè уште е во рана фаза. Првиот возен прототип на основниот хечбек е најавен за мај 2027 година, па дури тогаш треба да стане појасно колку проектот е блиску до реално производство. Засега нема потврда дека кабриолетот ќе влезе во сериско производство.

Како можна локација за производство се споменува Србија, но платформата, добавувачите, производствените капацитети и конечната цена сè уште не се официјално дефинирани.

Затоа новиот Yugo Cabrio во моментов треба да се гледа пред сè како дизајнерска визија за тоа во која насока би можел да се развива обновениот бренд, а не како готов автомобил што наскоро ќе се појави во салоните.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?