По повод почетокот на новата учебна година, Народниот правобранител порача дека секое дете мора да има еднаков и реален пристап до образование, безбедна училишна средина, навремено обезбедени учебници, превоз и заштита од насилство и дискриминација.
„Ниедно дете не смее да биде заборавено, занемарено или оставено само. Образованието е право на секое дете, а создавањето услови тоа право да биде остварено е заедничка одговорност на сите нас“, порача институцијата.
Од Народниот правобранител нагласуваат дека бесплатното образование не значи само место во училишната клупа, туку и создавање услови секое дете непречено да ја следи наставата. Тоа подразбира навремено обезбедување учебници, достапен и бесплатен превоз за учениците кои имаат право на него, безбедна и пристапна училишна средина и дополнителна поддршка за семејствата на кои им е потребна.
Посебно внимание, според институцијата, мора да им се посвети на децата во социјален ризик, децата со попреченост, учениците од руралните и оддалечените средини, како и на оние кај кои постои ризик од често отсуство или напуштање на образованието.
Народниот правобранител упати и посебна порака за врсничкото насилство, нагласувајќи дека училиштето мора да биде место каде детето ќе се чувствува безбедно, прифатено и почитувано.
Од институцијата предупредуваат дека насилството, без разлика дали се случува во училница, во училишниот двор или во дигиталниот простор, не смее да се занемарува или да се оправдува како „детска работа“. Секој пријавен случај треба сериозно да се разгледа и навремено да следува соодветна реакција и поддршка.
На родителите, наставниците и стручните служби им се препорачува да разговараат со децата, да ги слушаат и да ги охрабруваат слободно да зборуваат за проблемите со кои се соочуваат. Учениците, пак, треба да знаат кому можат да се обратат доколку се жртви или сведоци на насилство.
„Да започнеме уште една учебна година со заедничка заложба – секое дете да има право на образование, безбедност, еднаквост, почит и можност да расте и да се развива во средина во која неговиот глас се слуша“, порача Народниот правобранител.

