СДСМ ја обвини Владата за ценовниот удар: Дизелот поскапе за 5,5 денари

СДСМ

СДСМ го оцени најновото поскапување на горивата како дополнителен товар за граѓаните и стопанството и ја обвини Владата дека не презела мерки за ублажување на последиците од растот на цените.

Реакцијата на опозициската партија следува откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за просечно зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати за 3,59 проценти во однос на цените утврдени на 6 јули. Новите цени се применуваат од 00:01 часот на 14 јули.

Најголемо е поскапувањето на дизелот, чија цена е зголемена за 5,50 денари и сега изнесува 88 денари за литар. Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапеа за по 1,50 денар и се продаваат по највисоки цени од 87, односно 89 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство поскапе за 4,50 денари и достигна цена од 86 денари за литар, додека мазутот се продава по 42,168 денари за килограм.

„Владата на Христијан Мицкоски немаше слух да воведе мерки што ќе го ублажат ударот врз граѓаните. Дали станува збор за неспособност или за намерно нереагирање, цената повторно ја плаќаат граѓаните“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата тврдат дека поскапувањето не е изолиран настан, туку дел од поширока економска криза и продолжение на притисокот врз животниот стандард. СДСМ ја обвинува Владата дека нема јасен план за справување со економските последици и дека не ги исполнува ветувањата дадени пред парламентарните избори.

Опозицијата во реакцијата ги поврзува новите цени на горивата и со состојбата во државниот буџет, застојот во европските интеграции и реконструкцијата на Владата. СДСМ оценува дека промената на министрите нема да ги реши економските проблеми и тврди дека власта преку политички тензии создава услови за можни предвремени парламентарни избори.

Најчитано