Професорката Мирјана Најчевска реагираше по ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во повтореното судење за предметот „Талир 2“, со остра оценка за селективноста на правдата во Македонија.
„Сите криминалци во Македонија се на слобода“, напиша Најчевска, поврзувајќи ја пресудата со пошироката јавна недоверба во начинот на кој системот постапува во предмети за висока корупција.
Нејзината реакција доаѓа откако Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за Груевски во предметот што се однесуваше на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Белата палата“.
Судот ја одби и конфискацијата на партиското седиште, со што ВМРО-ДПМНЕ по осум години повторно ќе може да располага со имотот што беше предмет на постапката.
Судијката Даниела Алексовска-Стојановска при образложувањето наведе дека одлуката е последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, како и на тоа што обвинителството не го приспособило обвинението на законските измени.
Најчевска во реакцијата користи саркастичен тон, споредувајќи го третманот на крупните случаи со казнувањето на граѓани за ситни прекршоци, како неплатена струја, кражба на мала вредност или улична продажба.
Предметот „Талир 2“ се водеше за незаконитости поврзани со изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Во претходната постапка имаше осудителна пресуда, но предметот беше вратен на повторно судење по одлука на Апелациониот суд и по измените на Кривичниот законик.
Пресудата е неправосилна и против неа е дозволена жалба.
