Во јануари, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски рече дека јавноста може да биде позитивно изненадена од американската визна политика кон Македонија, можеби во следните шест месеци. Оттогаш поминаа десет. За туристички и деловни посети во САД со македонски пасош сè уште е потребна виза, а во јавно објавените соопштенија нема потврда за посебен визен договор меѓу Скопје и Вашингтон.
Муцунски ја даде изјавата на 15 јануари, откако САД најавија пауза во издавањето иселенички визи за државјани на 75 земји, меѓу кои и Македонија. Министерот тогаш појасни дека туристичките, студентските и деловните визи остануваат достапни. Кога зборуваше за можните промени, рече дека очекува да почнат да се затвораат „прашања кои 20 години се обидувавме да ги затвориме“. Не прецизираше на кои прашања мисли.
Безвизното патување веќе било тема на разговорите со САД
Четири месеци пред јануарската изјава, Муцунски изречно зборуваше за визно ослободување. Во интервју за Сител од Њујорк на 22 септември 2025 година, тој потврди дека темата се разгледува во рамките на Стратешкиот дијалог со САД, без да даде рок. Во октомври, МНР потврди дека македонските институции работат на приклучување кон две американски програми. Visa Waiver Program овозможува кратки туристички и деловни посети без виза, со електронско одобрение ESTA, а Global Entry овозможува побрза гранична проверка за претходно одобрени патници.
Иницијативата за безвизно патување е документирана најмалку од септември 2021 година, кога тогашниот министер Бујар Османи формираше работна група за приклучување кон американската програма. Во јавно достапните документи што ги проверивме нема потврда дека преговорите траат 20 години, а во заедничкото соопштение по априлската сесија на Стратешкиот дијалог во Вашингтон визите не се споменуваат.
Паузата за иселеничките визи падна на суд
Во меѓувреме, паузата што беше повод за јануарската изјава престана да важи на 21 август. Стејт департментот потврди дека мерката е поништена по одлука на американски федерален суд за сите 75 засегнати земји, вклучително и Северна Македонија.
За кратките посети, Северна Македонија и понатаму е надвор од американската програма за безвизно патување. Според податоците на Стејт департментот, приспособената стапка на одбиени барања за туристички и деловни визи за македонските државјани се намалила од 28 проценти во фискалната 2024 на 25,55 проценти во фискалната 2025 година. Еден од редовните законски критериуми за приклучување кон програмата е стапка под 3 проценти во претходната целосна фискална година.

