Изборниот законик заглави не затоа што партиите не можат да се договорат околу технички детали, туку затоа што во него се отвораат три врати што опозицијата ги чита како ризик за контрола, притисок и манипулација со гласот, на прв поглед изгледа како инает, но ако малку загребете под површната дневно политичка реторика и со малку сеќавање на последната декада доаѓаме до многу суштински проблеми кои не се воопшто за потценување.
Анализира: Леон БАКРАЧЕСКИ
Во Собранието затоа не се води обична процедурална битка со амандмани. Се судираат две спротивни логики: власта бара брзо носење на измените, повикувајќи се на Планот за раст и на потребата да се уреди гласањето на дијаспората, додека опозицијата тврди дека токму во тие измени се кријат слабости што можат да ја урнат довербата во избирачкиот процес.
Спорот се концентрира околу три точки – гласање на дијаспората по пошта или електронски, ограничување на можноста ДИК да реагира ако нема забелешки во записникот од избирачкото место и проширување на начинот на кој може да се означи гласачкото ливче.
Секоја од овие точки на хартија изгледа како техничко решение, но во македонското изборно искуство има политичка тежина, затоа што допира до тајноста на гласот, надзорот врз кутиите и можноста за притисок врз гласачите.
Највидливата причина е гласањето на дијаспората. Власта предложи иселениците да не гласаат само во дипломатско-конзуларните претставништва, како досега, туку да се отвори пат за електронско гласање, а потоа во преговорите се појави и варијантата за гласање по пошта. Аргументот на власта е дека на тој начин ќе се олесни учеството на граѓаните што живеат надвор од Македонија и дека државата мора да најде современ модел за да не ги исклучува од изборниот процес.
Опозицијата тука ја поставува првата правна и политичка дилема: ако државата може да обезбеди електронско или поштенско гласање за граѓаните во странство, зошто истиот механизам не би можел да важи и за граѓаните дома? Прашањето не е техничко, туку уставно и изборно. Во класичното гласање во Македонија избирачот се идентификува, гласа зад параван, го заокружува бројот на кандидатот или листата и го става ливчето во кутија под надзор на избирачки одбор, набљудувачи и претставници на партиите. И токму тука има уште еден многу чуден однос на ВМРО-ДПМНЕ, кој е може да се заборави. Имено во 2021 години инсистираа а нивното барање беше прифатено, секој гласач да се идентитификува со отпечаток од прст! И така бидна. Сите гласаме со отпечаток кога ќе дојдеме на гласачкото место, со системи кои чинеа милиони евра. И сега, оти тоа го напуштаме?
Дополнително во ваква консталација да го поставиме прашањето?!
Кај гласањето од далечина, контролата врз тоа кој навистина гласа, дали гласа сам, дали некој му стои над глава и дали гласот е даден без притисок, е многу потешка.
Токму тука е клучната разлика меѓу пристапност и сигурност. Поштенското и електронското гласање можат да го олеснат учеството на дијаспората, но истовремено отвораат прашања за идентификација, тајност, семејно или организирано гласање, притисок, посредување и можност едно лице да влијае врз повеќе гласачи.
Во држави со силни институции, висока доверба во системот и долга техничка подготовка, таквите модели се воведуваат со комплексни заштитни механизми.
Во Македонија, каде што изборниот процес со години се надградуваше токму поради сомнежи за притисоци, фантомски гласачи, списоци и контролирано гласање, опозицијата тврди дека скокот кон електронско гласање за дијаспората не може да се прави со политички договор во последен момент.
Дополнителен проблем е што актуелниот систем веќе им дава право на граѓаните во странство да гласаат за претседателски и парламентарни избори преку дипломатско-конзуларните претставништва. Тоа значи дека спорот не е дали дијаспората има право да гласа, туку како да гласа.
Опозиционерите не ја блокираат формално дијаспората како гласачко тело, туку бараат гласањето да не се одвои од стандардите што важат за домашните избирачи.
Втората причина е помалку видлива во јавноста, но е суштинска за изборниот надзор. Станува збор за правилата околу избирачките места, записниците, забелешките и можноста ДИК да реагира ако има сомнеж дека резултатот е проблематичен.
Опозицијата предупредува дека ако резултатот од избирачко место станува практично затворен доколку нема забелешка од членови на избирачкиот одбор или од овластени претставници, тогаш целиот систем се потпира врз претпоставка дека сите луѓе во избирачкото место биле присутни, слободни, неподмитени и во можност да реагираат.
Тоа е ризична претпоставка. Во мали избирачки места, особено во средини со силна локална зависност од партија, работно место, општинска власт или локални моќници, притисокот не мора да биде видлив однадвор.
Ако член на избирачки одбор е поткупен, заплашен, отстранет од просторијата или спречен да внесе забелешка во записникот, тогаш формалното отсуство на забелешка не значи дека немало неправилност. Тоа само значи дека неправилноста не е заведена во документот на кој потоа се потпира системот.
Ова прашање е особено чувствително бидејќи ДИК, според важечките правила, има улога не само да собира бројки, туку и да одлучува по приговори, да ги утврдува фактите, да гледа изборен материјал, да изведува докази и во одредени случаи да поведе постапка по службена должност.
Ако новите решенија ја стеснат таа можност и ја врзат реакцијата само за она што е впишано во записник на самото избирачко место, тогаш контролата се префрла од централната изборна администрација кон најслабата точка на системот – локалниот избирачки одбор.
Минатите изборни циклуси покажуваат зошто ова не е апстрактна дилема. ОБСЕ/ОДИХР во последните извештаи не зборува за совршен изборен процес, туку за систем во кој има празнини, недоследности, кратки рокови за приговори, нејасни надлежности и проблеми при броење.
Набљудувачите регистрирале случаи во кои избирачките одбори не ги спроведувале сите потребни чекори пред отворањето на кутиите, не ги следеле процедурите по пропишан редослед, имале потешкотии со пополнување записници, а во дел од случаите биле забележани и однапред потпишани записници или учество на лица што не се членови на одборот во пребројувањето.
Во таков контекст, барањето ДИК да има простор да реагира не е техничка желба, туку гаранција дека изборниот процес нема да зависи само од тоа дали некој локален претставник успеал навреме да внесе забелешка.
Третата причина се однесува на начинот на пополнување на гласачкото ливче. На прв поглед, тоа изгледа како ситна формалност – дали избирачот мора да заокружи број со пенкало или може да означи на друг начин. Но во македонското изборно искуство, ова е едно од најчувствителните прашања поврзани со тајноста на гласот.
Опозицијата тука се повикува на едно од најпроблематичните искуства од периодот на прислушуваните разговори, кога во јавноста се отвори прашањето за контролирано гласање и насоки гласачите да оставаат различни знаци на ливчињата.
Во политичкиот речник тоа остана запаметено преку „триаголничињата“ – идејата гласачот да не заокружи стандардно, туку да стави специфична ознака што подоцна ќе послужи како доказ дека гласал за одредена партија.
Таквиот механизам е опасен затоа што ја претвора тајноста на гласањето во илузија. Формално, гласачот е зад параван. Практично, ако некој му наложил да стави триаголник, линија, точка, крст или друга препознатлива ознака, тогаш неговиот глас може да стане проверлив. Тоа е основа за притисок, купување гласови и политичка контрола врз ранливи категории избирачи.
Затоа правилото за заокружување не е бирократска строгост, туку заштита од принуда.
Изборниот законик е еден од ретките закони што не смее да биде само производ на мнозинство. Тој го уредува начинот на кој тоа мнозинство се создава. Затоа секоја измена што ја менува идентификацијата на гласачите, начинот на гласање, контролата на резултатите или важноста на ливчињата има директно влијание врз довербата во изборите.
