Кога мнозинството знае дека греши

мнозинството

Мнозинството има право да погреши, но таа грешка произведува последици и за малцинството кое можеби навреме ја препознало.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Ќе ви раскажам една приказна за едно дете која, ете така, случајно ја знам. Не се сеќавам дали некаде сум ја прочитал или некој ми ја раскажал, но доволно добро ја паметам за да можам да ви ја прераскажам.

Некаде од прво до четврто одделение, во класот на ова дете меѓу машките постоела прилично јасна поделба. Една група била собрана околу момче кое физички делувало посилно од другите. Околу него имало тројца следбеници, па уште неколку деца кои гравитирале околу нив. Не сакам ова да го романтизирам со приказни за детски лидери, природни хиерархии и борба за статус. Групата била насилничка во најобичното значење на зборот. Малтретирале други деца, ги навредувале, ги удирале и им се заканувале, понекогаш само затоа што можеле. Интересно е што момчето кое го следеле не морало секогаш лично да биде насилно. Тоа било инспиратор и мотиватор на своите следбеници. Што и да им кажело, тие го правеле без да му противречат, колку и да било гнасно.

Останатите деца, или втората група во одделението, го прифаќале тоа како некаков природен поредок на работите. Биле навредувани, понекогаш удирани и понижувани, но најчесто молчеле и се тргале. Немало организиран отпор, ниту обид да се спротивстават како група.

И сега имаме едно друго дете кое стоело некаде помеѓу овие две групи, иако реално не припаѓало на ниту една од нив.

Тоа немало никаква амбиција да биде лидер, да собира други деца околу себе или да воспостави некаков сопствен поредок. Едноставно не го прифаќало однесувањето на насилничката група. Кога ќе го нападнеле, се спротивставувало. Кога ќе нападнеле некое друго дете, често се мешало и застанувало во негова одбрана. Поради тоа не еднаш се случувало целата насилничка група да го брка низ школскиот двор.

Она што не можело да го разбере било однесувањето на децата што ги бранело. Речиси никогаш не добивало поддршка од нив. Дури и кога конфликтот почнувал затоа што некој друг бил нападнат, откако ова дете ќе се вмешало, жртвата најчесто се повлекувала и го оставала само да се справува со групата.

Феноменот бил уште поизразен кога играле фудбал во школскиот двор.

Насилничката група била едниот тим, а останатите, „губитниците“, другиот. Детето од приказната секогаш играло со „губитниците“ и било убедливо најдобриот фудбалер меѓу нив. Се обидувало да игра нормално, да дрибла, да дава голови и, се разбира, да победи. Проблемот бил што неговите соиграчи како воопшто да немале таква амбиција. Речиси секогаш губеле со пет-шест голови разлика и изгледало како тоа однапред да го прифатиле.

Една ситуација особено добро ја опишува целата работа. Ако некој од послабиот тим се најдел во добра позиција да даде гол, некој од насилничката група знаел да му довикне: „Немој да си дал гол“. И овој навистина ќе шутнел настрана.

Не постоела никаква физичка пречка да постигне гол. Никој не го држел, ниту во тој момент го тепал. Но авторитетот што насилничката група веќе го имала врз него бил доволен самиот да се откаже од она што нормално би сакал да го направи.

Детето од приказната не го правело тоа. Кога можело да даде гол, давало гол. Не затоа што водело некаква борба против системот, туку затоа што играло фудбал и сакало да победи.

Интересен пресврт се случувал кога класот играл против друго одделение. Тогаш се составувал најдобриот тим, а него го сочинувале децата од насилничката група и ова дете кое инаку било некаде помеѓу нив и „губитниците“. Одеднаш немало никаков проблем. Насилниците биле добри соиграчи, детето било дел од тимот и заедно победувале. По таквите натпревари знаел да следува и краток период на привиден мир, за веќе следниот ден старата структура повторно да се воспостави.

Она што долго време ме фасцинира во оваа приказна не е психологијата на насилникот. Таа ми изгледа релативно едноставна и, искрено, помалку интересна. Многу повеќе ме интересира однесувањето на останатите, кои погоре намерно ги нареков „губитници“.

Тешко ми е да поверувам дека во група од дваесет и три машки деца само едно имало елементарна претстава дека не е во ред некого да удираш, навредуваш или понижуваш без причина. Уште помалку е веројатно дека останатите не разбирале дека токму ним им е полошо поради поредокот што го прифатиле.

Психологијата има повеќе објаснувања и веројатно ниту едно само по себе не е доволно. Конформизмот е едно од нив. Човекот има силна потреба да го усогласува сопственото однесување со групата, дури и кога приватно не се согласува со неа. Кај децата ова е особено изразено, но механизмот не исчезнува со полнолетството.

Постои и она што социјалната психологија го нарекува плуралистичко незнаење. Повеќе луѓе можат приватно да сметаат дека нешто е погрешно, а сепак секој од нив да претпоставува дека другите го прифаќаат, затоа што никој јавно не се спротивставува. Така молчењето на секој поединец станува доказ за останатите дека постојниот поредок има поголема поддршка отколку што навистина има.

Тука е и стравот од последиците. Не мора да верувате дека насилникот е во право за да одлучите дека е попаметно да не му се спротивставите. Доволно е да процените дека цената на отпорот е поголема од цената на приспособувањето.

Но ниту тоа целосно не ја објаснува сцената со фудбалот. Таму гледаме нешто повеќе од обичен страв. Детето кое намерно промашува затоа што противникот му рекол да не даде гол до одреден степен ја интернализирало сопствената подредена позиција. Насилникот повеќе не мора физички да го принудува. Жртвата сама почнува да се однесува во согласност со поредокот што ѝ е наметнат.

Токму тука оваа стара детска приказна престанува да биде само приказна за деца.

Не сум сигурен дека како возрасни сме суштински толку различни.

Наместо школски двор имаме држава. Наместо неформални детски групи имаме партии, политички движења и организирани интереси. Наместо физички најсилното момче имаме политички лидери, а наместо заканата дека некој ќе те брка по дворот постојат многу пософистицирани механизми на припадност, зависност, страв, пропаганда и социјален притисок.

Секако, аналогијата има граници. Демократски избран политичар не е насилник од школски двор само затоа што не ни се допаѓа. Ниту гласачите што избрале поинаку од нас се жртви без сопствена волја.

Но психолошкиот механизам заслужува внимание.

Луѓето понекогаш знаат дека политичарот ги лаже и сепак му веруваат. Знаат дека однесувањето што кај политичкиот противник би го нарекле корупција, непотизам или злоупотреба на власта постои и кај нивниот лидер, но таму наоѓаат оправдување. Знаат дека некоја политика долгорочно им нанесува штета, но продолжуваат да ја поддржуваат.

На прв поглед тоа изгледа ирационално. Не мора да биде.

Ние претпоставуваме дека човекот при политичкиот избор првенствено се обидува да утврди што е вистина и што е во негов најдобар долгорочен интерес. Психологијата покажува дека често не функционираме така. Кај мотивираното расудување посакуваниот заклучок влијае врз начинот на кој ги обработуваме фактите. Кај силниот групен идентитет, информацијата за „нашиот“ политичар веќе не ја проценуваме на ист начин како информацијата за „нивниот“.

Затоа човек може да знае дека неговиот лидер лаже и сепак да каже дека му верува. Во тие две реченици зборот „верува“ нема исто значење. Тој можеби не верува дека конкретното тврдење е вистинито. Верува дека лидерот е „наш“, дека ја брани неговата група, дека другата страна е поголема опасност или едноставно дека победата на неговата страна е поважна од конкретната лага.

Тогаш моралните стандарди почнуваат да се применуваат селективно. Она што е недозволиво за противникот станува разбирливо кога го прави нашиот човек. Не мора да се промени основниот морален став. Доволно е да се направи исклучок.

И тука за мене почнува вистинскиот проблем со демократијата.

Не мислам на баналното тврдење дека демократијата е лоша затоа што мнозинството понекогаш греши. Секој политички систем греши, а недемократските системи имаат дополнителен проблем: грешките на мал број луѓе можат да станат задолжителни за сите без реална можност тие луѓе да бидат сменети.

Проблемот е посуптилен.

Демократијата почива врз политичката еднаквост на граѓаните, но луѓето очигледно не се еднакви во способноста да проценуваат информации, да препознаваат манипулација, да ги одвојат фактите од сопствениот идентитет, да размислуваат за долгорочни последици или да се спротивстават на групата кога знаат дека таа греши.

На избори сите тие разлики исчезнуваат.

Еден човек може со недели да ги анализира програмите, резултатите од претходната власт, економските показатели и последиците од предложените политики. Друг може да гласа затоа што кандидатот е „наш“. Трет затоа што му ветиле вработување. Четврти затоа што ја мрази другата партија. Петти затоа што поверувал во лага. Шести можеби знае дека е лага, но му е сеедно затоа што сака неговата страна да победи.

Во гласачката кутија сите тие причини имаат иста политичка тежина.

И можеби така мора да биде. Но последиците од изборот не остануваат кај оној што го направил.

Ако мнозинството избере власт која ја задолжува државата, долгот не го плаќаат само нејзините гласачи. Ако дозволи институциите да бидат партизирани, последиците ги чувствуваат сите. Ако економската политика е катастрофална, не постојат две економии. Ако образованието пропаѓа, последиците не се ограничени на децата на оние што ја избрале власта.

Тука повторно ми се враќа фудбалот од приказната.

Ако единаесет луѓе се во ист тим, резултатот е заеднички. Не е важно што еден од нив дал три гола ако останатите прифатиле да загубат. На крајот сите го имаат истиот резултат.

Токму тоа е делот од демократијата што ми создава интелектуален проблем.

Мнозинството има право да погреши, но неговата грешка произведува последици и за малцинството кое можеби навреме ја препознало. Најлесниот одговор би бил да се доведе во прашање еднаквоста на гласот. Ако луѓето очигледно немаат еднаква способност за политичко расудување, зошто би имале еднаква политичка моќ?

Да си признаам, немам лесен одговор на прашањата што произлегуваат од ова.

Како да ја зачуваме политичката еднаквост како едно од основните достигнувања на демократијата, а истовремено да не се преправаме дека политичкото расудување на сите луѓе е еднакво? Како да го зачуваме правото на секој човек да избира, а да ја ограничиме штетата што неговиот лош избор може да им ја нанесе на оние што избрале поинаку?

И можеби најнепријатното прашање од сите: што правиме кога проблемот не е во тоа што мнозинството не знае дека нешто е погрешно, туку знае и сепак го избира?

Можеби токму тоа е прашањето што детето од почетокот на приказната не можело да го разбере.

Не зошто постојат насилници, туку зошто толку многу луѓе им дозволуваат да победуваат.

П.С. Ако ве интересира што се случило со детето од приказната – одлично поминува во животот и нема никаква реална траума од тој период. Напротив, го смета за прилично корисно искуство. Иако, на списокот на оние на кои сè уште им „должи“ останало уште едно дете од вториот ешалон на насилниците, извесен Драган.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?