Приштина бара посилен одговор од ЕУ за Пауновиќ

Косово
Фото: Влада на Република Србија

Изјавата на српската министерка Снежана Пауновиќ дека на местото на Слободан Милошевиќ во 1998 година би го „етнички исчистила Косово“ прерасна од политички скандал во Србија во ново прашање за односите меѓу Белград, Приштина и Европската Унија.

Косовската влада побара Брисел јасно и јавно да ја осуди изјавата и да ја третира во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина и пристапниот процес на Србија кон ЕУ. Во писмото до високата претставничка за надворешна политика Каја Калас, косовскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Глаук Коњуфца оценил дека првичната реакција на Унијата била ограничена и задоцнета.

Барањето од Приштина ја проширува политичката тежина на случајот. Повеќе не станува збор само за одговорноста на една министерка за јавно изговорените зборови, туку и за тоа дали таквата реторика ќе има последици за влада на земја кандидат за членство во ЕУ.

Европската комисија претходно соопшти дека во Европа нема место за говор што оправдува или промовира етничко чистење. Комесарката за проширување Марта Кос изјави дека е ужасната од пораката и дека не може да замисли министер да продолжи да ја извршува функцијата по таква јавна изјава.

Косово на 14 јули ја прогласи Пауновиќ за персона нон грата и трајно ѝ забрани влез и транзит. Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља ја оцени нејзината изјава како продолжување на политичка реторика што во минатото произведувала насилство и протерување.

Пауновиќ во интервју за провладината телевизија „Курир“ рече дека, доколку била на местото на Милошевиќ, во 1998 година би извршила етничко чистење. Таа дополнително објасни дека под тоа подразбирала создавање услови Албанците да не се чувствуваат како дел од Србија и да заминат.

По силните реакции, српската министерка тврдеше дека нејзините зборови биле извадени од контекст. Таа им се извини на претседателот Александар Вучиќ, премиерот Ѓуро Мацут и на Владата затоа што биле вовлечени во скандалот, но не ја повлече суштината на изјавата и не им упати извинување на луѓето кон кои беше насочена.

Вучиќ се огради од нејзините зборови, оценувајќи ги како непромислени и неодговорни. Тој порача дека политиката на Србија е дијалог и компромис, а не етничко чистење. Во исто време, вицепремиерот и лидер на Социјалистичката партија Ивица Дачиќ застана во одбрана на сопартијката, обвинувајќи ги критичарите за двојни стандарди кон положбата на Србите во Косово.

Политичкиот притисок врз Пауновиќ расте и во Србија. Педесет и тројца опозициски пратеници потпишаа барање до премиерот да предложи нејзино разрешување. Недостигале уште седум потписи за директно иницирање парламентарна постапка, а Владата досега не предложила смена.

Осуди пристигнаа и од српски граѓански организации, опозициски партии, студенти и претставници на косовските Срби. Дел од нив предупредија дека ваквата реторика најмногу може да им наштети на преостанатите српски заедници во Косово, бидејќи го зголемува стравот и дополнително ја отежнува нивната положба.

Британското Министерство за надворешни работи ја оцени изјавата како одвратна и насочена кон повторно отворање на старите поделби. Лондон побара од политичките лидери недвосмислено да го отфрлат јазикот што поттикнува тензии во регионот.

Приштина сега бара европската осуда да не остане само дипломатска реакција. Во писмото до Калас се инсистира пораката да биде земена предвид во политичкиот дијалог и во оценувањето на напредокот на Србија кон членство во ЕУ.

Тоа го поставува Брисел пред практично прашање: дали реториката што директно повикува на протерување на етничка заедница ќе биде третирана само како непримерна индивидуална изјава или како политички проблем што влијае врз европскиот пат на Србија.

Најчитано