Македонија ќе го откаже неискористениот дел од заемот од Светска банка во износ од 19,2 милиони евра, но тоа не значи дека државата се откажува од грант или од неповратни средства. Постојниот заем од 20 милиони евра ќе биде затворен, а Владата истовремено бара од Собранието одобрување за ново задолжување од 25 милиони евра кај истата меѓународна финансиска институција.
Предлогот за изменување на законот за задолжување е доставен во Собранието по скратена постапка. Со него се предвидува откажување на 19,2 милиони евра од постојната кредитна линија, од која, според образложението на законското решение, досега биле искористени околу 800.000 евра.
Заемот бил одобрен за проектот „Градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии“, кој Светска банка го одобри во декември 2022 година, а стана ефективен во април 2023 година. Целта на проектот била да се подобрат ефикасноста, транспарентноста и одржливоста на јавните расходи, како и работата на даночната администрација.
Проектот требало да поддржи воведување интегриран информациски систем за управување со јавните финансии – ИФМИС, систем за управување со државната помош – САМИС и нови информациски решенија во Управата за јавни приходи. Дел од средствата биле наменети и за техничка помош, подготовка на документација, институционални реформи и управување со промените во јавниот сектор.
Според предложените измени, постојниот проект ќе биде затворен на 30 септември 2026 година, наместо на 30 септември 2027 година. Владата образложува дека постојната проектна структура повеќе не е оптимална и дека реформите треба да продолжат преку нов финансиски инструмент, кај кој исплатата на средствата ќе зависи од реално постигнати и проверени резултати.
Станува збор за новата Програма за подобрување на јавните расходи, отчетноста и даночната администрација, позната како ИМПАКТ. Документите на Светска банка покажуваат дека програмата се подготвува како финансирање врз основа на резултати, со цел подобрување на транспарентноста и ефикасноста на јавната потрошувачка и зајакнување на даночната администрација.
Од новиот заем од 25 милиони евра, 23 милиони би се исплаќале откако државата ќе исполни однапред утврдени реформски цели и индикатори. Преостанатите два милиони евра ќе бидат наменети за техничка помош, градење институционални капацитети и управување со програмата. Во реализацијата треба да бидат вклучени Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Министерството за дигитална трансформација, додека Државниот завод за ревизија би ја проверувал исполнетоста на резултатите.
Новиот заем е со рок на отплата од 12 години и тригодишен грејс-период. Каматата ќе се пресметува според шестмесечниот ЕУРИБОР, зголемен за варијабилен распон, а заемот ќе се враќа во 18 полугодишни рати. Предвидена е еднократна провизија од 0,25 проценти од износот на кредитот, како и годишна провизија од 0,25 проценти за неповлечените средства.
Со промената, неискористениот заем од 19,2 милиони евра практично ќе биде заменет со нова кредитна линија од 25 милиони евра. Тоа значи дека не се намалува потенцијалното задолжување на државата, туку се менува моделот на финансирање, а расположливиот износ се зголемува за пет милиони евра во споредба со првичниот заем од 20 милиони евра.
Во образложението на законските измени се наведува дека Светска банка нема да наплати провизија за откажувањето на неискористените 19,2 милиони евра. Според Владата, со затворањето на стариот заем ќе се избегнат идни трошоци за резервирање неповлечени средства, додека веќе подготвените технички документи и институционални решенија ќе бидат искористени во новата програма.
