По изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија е меѓу најуспешните земји во Европа, уште една странска компанија донела одлука да ја напушти државата, обвини денеска СДСМ.
Од опозициската партија велат дека германската компанија БМЗ ќе го затвори производствениот погон во Илинден и производството ќе го пресели во Полска, со што околу 90 вработени ќе останат без работа.
„Нема да се реализираат ниту најавените нови вработувања. Наместо нови инвестиции и фабрики, се затвораат производствени капацитети, а работниците остануваат без егзистенција“, наведуваат од СДСМ.
Според партијата, БМЗ е трета странска компанија која за краток период носи одлука за повлекување од Македонија. Од СДСМ посочуваат дека претходно заминале „Аптив“ и „Дура“, додека во „Џонсон Мети“, според нивните наводи, се намалува бројот на вработени.
„Ова е реалната слика за економијата по две години власт на ВМРО-ДПМНЕ. Додека Мицкоски ја убедува јавноста дека Македонија е прва во Европа, странските инвеститори заминуваат, фабриките се затвораат, а работниците остануваат без работа“, соопшти СДСМ.
Од партијата тврдат дека странските инвестиции се намалуваат и дека инвеститорите ја губат довербата во економските политики на Владата.
СДСМ оценува дека најавите на Владата за нов инвестициски циклус и отворање работни места не се потврдени со состојбата во индустриските капацитети и со одлуките на дел од странските компании да го намалат или целосно да го прекинат производството во Македонија.
