Пет дена се изгубиле во кризата со водата во Гостивар, а институциите не реагирале навреме и не комуницирале доволно со јавноста, обвини потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски. Тој побара целосна документација за постапувањето на надлежните и политичка одговорност „од врвот надолу“.
Според Трајановски, локалната самоуправа не треба да биде изземена од одговорност, но главниот товар го носи централната власт, која требало навреме да ја стави здравствената криза под контрола и да спречи нејзино ширење.
Тој тврди дека во гостиварската болница неколку дена биле регистрирани по 200 до 300 пациенти со слични стомачни симптоми, но информациите не стигнале навреме до сите надлежни институции или по нив не било постапено. Според него, мора да се утврди кога биле известени Министерството за здравство и надлежните центри за јавно здравје.
СДСМ бара да биде објавена целата патека на одлуки, лабораториски наоди и институционални реакции, за да се утврди кој знаел за проблемот и кога биле преземени првите мерки.
Трајановски ја критикуваше и комуникацијата со граѓаните, оценувајќи дека во ваква здравствена криза институциите мора секојдневно да објавуваат проверени податоци, препораки и информации за состојбата со водата.
Во Гостивар претходно беше прогласена епидемија по голем број случаи со гастроинтестинални симптоми. Анализите покажаа присуство на колиформни бактерии во водоснабдителниот систем, а Обвинителството отвори постапка за утврдување на причините и одговорноста.
