Во био регионите преку спојот на органско производство со современи алатки за прецизно земјоделство и регионално здружување, го претвораме нашиот природен потенцијал во стабилен и профитабилен бизнис.
Јане СТАНКОСКИ*
Македонското земјоделство се наоѓа на пресвртница помеѓу традиционално-конвенционалното и модерното, европско земјоделско производство каде се практикува одржливост, производство на здрава храна и заштита на животната средина.
Нашите фармери кои обработуваат 5 до 15 хектари земјоделско земјиште, многу добро знаат дека тоа е површина преголема за „хоби“, а премала за трка со индустриските гиганти. За нив најбитно е прашањето за профитабилност, односно – не „колку повеќе да произведам?“, туку „како да добијам поголема вредност од тоа што го произведувам?“.
Децениите интензивно хемиско третирање на земјоделските површини во Европска унија доведоа до исцрпени почви и загадени води, а високите цени на репроматеријалите ги намалуваат маржите на фармерите. Ова е една од причините за да ЕУ изготви стратегијата „Од нива до трпеза“, која е дел од “Европски зелен договор” со која се цели кон 25% органско производство до 2030 година.
Дел од оваа стратегија е сертификација на био-региони
Во Европа силно се развива концептот на „Био-региони“(Bio-districts), каде цели географски подрачја, региони, се сертифицираат за производство на органска храна и се брендираат. Примери од Франција (Биолавдери), Италија (Чиленто), Австрија (Милфилтер), Швајцарија (Валпоскијаво) и други, покажаа дека оваа пракса носи загарантиран пласман.
За разлика од поголем дел од земјоделските површини во Европа, Македонија има големата предност: чиста незагадена почва, поволна микроклима, изобилство сончеви денови и вредни земјоделци. Преминот кон органско производство на 5–15 хектари обработливо почва значи преминување од евтин квантитет кон премиум квалитет, повисока цена и поголема субвенциска поддршка.
Македонија има природни региони подготвени за овој модел
1. Мариовскиот регион, eдна од најчистите еколошки оази во Европа. Поради специфичната изолација и недопрената природа регионот Мариово ги има сите услови да стане првиот официјален Македонски Био-Регион. Ова е подрачје идеално за органско овчарство и козарство, производство на познатото мариовско биено сирење, органски мед, лековити билки, како и житарици со старо потекло (како `рж и спалта).
2. Крушево, Демир Хисар, Македонски Брод, регион со недопрена природа, плодна почва и искусни земјоделци, идеални услови за органско овоштарство (малина, боровинка, слива, ореви, костен, лешници), сточарство (кози, овци), пчеларство, собирање на самоникнати шумски плодови и габи.
3. Малешевскиот регион (Берово и Пехчево). Малешевијата располага со специфична микроклима, богато шумско опкружување и чиста вода. Овој регион има гигантски потенцијал за сертифицирано органско компиропроизводство, овоштарство (јаболка, сливи, шумски плодови) и млечни производи. Брендирањето на Малешевијата како Еко-регион директно би го поврзало земјоделството и со локалниот рурален туризам.
Искуството во земјоделското производство кажуава дека кај органското производство квантитетот (приносот) е за 25% до 40% помал, но продажната цена е 2 до 3 пати повисока во споредба со конвенционалното.
Колку значи ова во пракса? (Пример со 10 хектари компир)
Конвенционален фармер:
Произведува 280 тони (голем квантитет).
Продава по ~30 ден/кг- Вкупен приход: 8.400.000 денари.
Високи трошоци за хемиски ѓубрива, заштитни средства и гориво за повеќекратно третирање.
Органски фармер:
Произведува 170 тони (помал квантитет за 40%).
Продава по ~80 ден/кг Вкупен приход: ~13.600.000 денари.
Помали трошоци за хемикалии и ѓубрива + до 50% повисоки државни субвенции по хектар за органско производство.
Клучна поента: Органскиот фармер остварува ~60% поголем вкупен приход со значително помалку произведена стока. Намалувањето на трошоците при органското производство е клучен фактор за исплатливост и профитабилност, затоа многу е битно при производството да се применуваат расположливите алатки и практики кои ни стојат на раполагање
Здружување во задруги: 10 фармери со по 10 хектари создаваат сериозен волумен за пазарот.
Групна сертификација: Поделбата на трошоците за сертификација ја прави процедурата значително поевтина.
Прецизна технологија: Користење современа опрема за поголема ефикасност со помалку труд. Дигитални алатки за современо органско производство во многу го олеснуваат и го прават многу по профитабилно органското земјоделство.
Од сето ова призлегува заклучок дека преку спојот на органско производство со современи алатки за прецизно земјоделство и регионално здружување, го претвораме нашиот природен потенцијал во стабилен и профитабилен бизнис.
*М-р Јане Станкоски е експерт за земјоделство
