Во над 50 населени места во Македонија водата не е безбедна за пиење, а списокот секојдневно се зголемува, обвини Маја Серафимовска Борозан од СДСМ.
Според партијата, проблеми со водата има во Гостивар, Крушево, Валандово, Булачани, Пласница, Лешок, Маврово, Елшани, Велестово и во повеќе други населени места. Од СДСМ предупредуваат дека во Гостивар постои ризик од појава на жолтица и ја обвинуваат власта дека доцни со реакцијата.
„Иако претседателот Венко Филипче пред две недели предупреди за опасноста, власта дури вчера излезе со препораки за превенција и препознавање на симптомите“, рече Серафимовска Борозан.
Од СДСМ велат дека јавноста сè уште не го видела извештајот за водата во Гостивар и бараат одговор кој ја одобрил употребата на техничката вода и кој гарантира за нејзината безбедност.
Партијата ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и директорот на Институтот за јавно здравје, Сашо Клековски, дека даваат спротивставени информации за состојбата.
„Клековски вели дека до крајот на неделата водата ќе може да се пие, а Мицкоски тврди дека е откриена нова бактерија. Ова е тотален институционален колапс“, порача Борозан.
СДСМ бара итна политичка и кривична одговорност, јавно објавување на сите анализи и причините за загадувањето, како и итно обезбедување чиста вода за сите засегнати населени места.
„Македонија не смее да биде држава во која основното човеково право – чистата вода за пиење – е луксуз“, соопшти СДСМ.
